
Противпожарната служба на Грција спасила десет лица во интервенции на островите Самос и Родос, каде што обилните врнежи предизвикале поплави и свлечишта. Меѓу спасените има и шест средношколци од училиштен автобус и четири лица заглавени во автомобил.
На Самос, пет пожарникари со две противпожарни возила интервенирале во областа Маратокампос за да извлечат шестмина средношколци од училиштен автобус што останал заглавен поради свлечишта предизвикани од невремето. Учениците потоа биле пренесени на безбедно место и однесени до своите домови, а сите биле во добра здравствена состојба.
На Родос, каде што според локалните медиуми врнело непрекинато повеќе од 15 часа, обилниот дожд го зголемил нивото на водата и предизвикал поплави во повеќе делови од островот. Во близина на Линдос, автомобил со четири лица, меѓу кои и едно дете, останал заглавен во надојдени води на речен премин, по што патниците повикале помош на бројот 112.
По лоцирањето на возилото, на местото пристигнале 20 пожарникари со седум возила. Тие успеале да стигнат до автомобилот, да го стабилизираат и да ги извлечат четворицата патници, еден грчки и тројца странски државјани, кои биле пренесени на безбедна локација и биле во добра здравствена состојба.
Невремето што го зафати Родос предизвикало и штета на патната инфраструктура, продавници и домови, а училиштата на островот ќе останат затворени и на 3 ноември. Поплави има и во Волос, како и на Самос и Калимнос.


