Советникот на Зеленски, Арестович, поднесе оставка по изјавата дека зградата во Дњепар била погодена од соборена руска ракета

Советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски – Oлексеј Арестович, денеска поднесе оставка и се извини што направил „фундаментална грешјка“.

Оставката на Арестович, еден од клучните советници на Зеленски, доаѓа по силните реакции на неговата изјава дека зградата во Дњепар, каде загинаа 44 лица од кои 5 деца, била погодена од руска ракета соборена од украинската противвоздушна одбрана.

Изјавата на Арестович, секако, се коси со реториката на Киев дека Русија (намерно) го таргетирала станбениот комплекс, аргумент кој Киев го користи и кога бара побрза испорака на повеќе оружје.

Зеленски, на пример, во синоќешното обраќање, рече дека „она што се случи во Дњепар покажува дека Русија подготвува нови обиди да преземе иницијатива во војната и покажува дека природата на воената акција на фронтот бара нови одлуки за набавка на оружје и нагласува колку е важно да се координираат сите напори и да се забрза донесувањето одлуки на коалицијата што ја брани Украина и слободата во Украина“.

Арестович, неколку часа по нападот во саботата, изјави дека зградата најверојатно била погодена од ракета соборена од украинската противвоздушна одбрана, а тоа го базираше на тврдење на негов пријател кој бил поранешен офицер за воздушна одбрана и кој во тој момент наводно одел по улицата и слушнал две експлозии, од кои првата ја идентификувал како противвоздушна одбрана. Тој, наводно, му кажал на Арестович дека е сигурен дека проектилот бил соборен. Верзијата на официјален Киев, пак, е дека зградата била погодена од руски проектил Кх-22 против кој тие немаат одбранбен систем и кој наводно е исклучително непрецизен.

Прочитајте и:  Сијарто: Зеленски го вовлекува НАТО во украинскиот конфликт, а тоа значи светска војна

Оттаму, изјавата предизвика силни критики низ Украина, особено што Москва ја искористи како поткрепа за тврдењето дека руските сили не таргетираат цивили.

„Искрено им се извинувам на жртвите и нивните роднини, жителите на Днепар и сите кои беа длабоко повредени од мојата погрешна верзија за причината за рускиот напад на станбената зграда“, напиша Арестович на социјалните мрежи по низата критики и повици за, во најмала рака, негово разрешување.

Од кабинетот на Зеленски единствено потврдија дека е прифатена оставката на Арестович и тој е разрешен од функцијата вонреден советник.

- Реклама -