Собранието не ја прифати интерпелацијата за Африм Гаши

Собранието со 21 гласа „за“ и 72 „против“, без ниту еден воздржан, вечерва, не ја прифати интерпелацијата за претседателот на законодавниот дом Африм Гаши. Против интерпелацијата гласаа пратениците од парламентарното мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата Вреди и Движење ЗНАМ – за наша Македонија. Поддршка дадоа иницијаторите Левица и СДСМ.

Во рамки на дебатата претседателот на Собранието Гаши, по однос на поднесената интерпелација за неговата работа, рече дека демократијата е можност да се ислушаат спротивставените мислења, но „ова не е интерпелација против Африм Гаши, туку против верската припадност на претседателот на Собранието“. ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи интерпелацијата против претседателот на Собранието Африм Гаши, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на денешната собраниска седница.

Иако интерпелацијата изгледа правно формулирана, според Гаши таа е чисто политички мотивирана и самиот текст е преполн со исламофобијата и албанофобија.

– Ова не е интерпелација против Африм Гаши, туку против верската припадност на претседателот на Собранието. Ова не е интерпелација кон пречекорување на овластувањата на претседателот на Собранието во однос на безбедноста, туку против добрососедските односи и заложби за повлекување на признавањето на Косово, ова не е интерпелација за наводната повреда на Законот за јазиците, туку поради фобијата против албанскиот јазик и етничката припадност на претседателот. Ова не е интерпелација кон знамето на ЕУ и НАТО, туку интерпелација кон нашата стратешка цел, изјави Гаши.

За него, како што посочи, е најважно да остане со чист образ и чиста душа.

– Јас нема да реплицирам и дебатирам. Ќе се повлечам и нема да ја водам седницата. Би сакал без никаков притисок да одлучите, како што мислите дека е најдобро за државата, изјави Гаши.

Пратеникот и лидер на „Левица“ Димитар Апасиев, образложувајќи ги причините за поднесената интерпелација, рече дека ја темелеле на седум точки, но иако во меѓувреме сторил уште три-четири скандали, за „свадба на Косово“ и пеењето „шота на 2 Август“, како што нагласи ќе остави да зборува премиерот Христијан Мицкоски.

Интерпелацијата, како што појасни Апасиев, се заснова на направена повреда на начелото на секуларност – со верскиот обред на исламската заедница во Собранието, на дипломатските правила за обезбедување на ВИП личности – со инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка, на употребата на македонскиот јазик – при давањето на свечената изјава, на правилата за употреба на државното знаме, грб и химна, на начелото на инкомпатибилност на функциите – со неконстатирање на престанок на мандат на пратеникот Талат Џафери, на законските и етичките одредби за антинепотизам – присуството на сопругата на Гаши во државната делегација во Вашингтон и за повреда на деловничките одредби за нормална работа на пратениците.

–  За разлика од вашиот претходник Талат Џафери, кој беше мајстор за скандали, Вие го надминавме и практично за 100 дена направивте рафал од скандали и станавте можеби велемајстор, изјави Апасиев.

Пратеникот Бојан Стојаноски изнесувајќи го ставот на ВМРО-ДПМНЕ, кажа дека интерпелацијата нема никаква допирна точка со реалноста и прекршувањето на собраниските процедури, туку, вели е „очајнички коалициски производ на новата коалиција која што ја сочинуваат СДС, Левица и ДУИ“.

-ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи оваа иницијатива најмалку од три причини. Првата е бидејќи нема прекршување во рамките на надлежностите претседател на Собранието водејќи ја институцијата Собрание на Република Македонија. Второ, кога ќе ги видите оние седум причини сите сторители на дела кои што одат во насока на непочитување на законите во МВР како прв пат досега се пронајдени и санкционирани и има за нив постапка. Трето, заради тоа што е несериозна и глупава, затоа што во точка седум и под точките в, г, д  има напишано замислете и основ за интерпелација за паркинг, изјави Стојаноски.

Тој, меѓу другото, порача дека нема да биде како досега, бидејќи како што нагласи „ВМРО-ДПМНЕ не е должно кон никого“ и дека како Коалиција се должни само на граѓаните кои ги гласале.

Прочитајте и:  Владата досега не покажа никаква намера за продолжување на европскиот пат на земјата, смета Филипче

– Не е важно дали некој се вика Африм Гаши, дали е претседател на Собрание, дали се вика Бојан Стојаноски и е пратеник, дали се вика Никола Мицевски, Дафина Стојаноска, Драган Ковачки, Изет Меџити, Борислав Крмов, Димитар Апасиев, Димитар Ковачевски, Оливер Спасовски, Христијан Мицкоски, ако се огрешил ќе одговара. Ако направил грешка ќе одговара, затоа што на секој поединец може да му се случи да згреши, ама системот не смее да згреши. Системот нема да затаи. Во оваа држава веќе има систем и тој ќе функционира и во оваа држава ќе има правда за сите, изјави Стојаноски.

Пратеникот Миле Талевски од СДСМ, кој беше прв пријавен за збор на денешната собраниска седница, рече дека пратениците на СДСМ и коалицијата ќе гласаат за интерпелацијата на претседателот на Собранието, Африм Гаши. Тој ги повика колегите од ВМРО-ДПМНЕ и тие да го сторат истото и да докажат дека остануваат на зборот кој постојано го даваа пред изборите, дека ниту еден политичар нема да биде поштеден од одговорност ако работи спротивно на законот.

-Ако сакаа да си го сочуваат образот, оваа интерпелација ќе дојдеше од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Каде е денеска премиерот Мицкоски повторно да порача дека никој не е над народот и дека законот важи за сите? Нели ги уверувавте граѓаните дека ниту еден политичар нема да биде поштеден од одговорност и дека секој што ќе работи спротивно на законот ќе одговара: За само два месеца има серија скандали на власта предводена од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, а одговорност нема за никого. Функционерите од ВМРО-ДПМНЕ седнаа во удобни фотелји и веднаш ја сменија плочата, станаа  недоприливи. Во ништо и кај никого од власта не гледаат одговорност, истакна Талевски според кого, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаа шанса да побараат одговорност од Гаши, но тоа не го сторија.

Движењето ЗНАМ се изјасни дека нема да ја поддржи интерпелацијата за работата на претседателот на Собранието Африм Гаши поднесена од Левица. Од собраниската говорница се обрати пратеникот од ЗНАМ Павле Арсовски кој истакна дека грешки во работата се можни и како партија ги апострофирале, но на интерпелацијата, рече гледаат како обид на поднесителот на интерпелацијата Левица поддржана во неформална коалиција од партијата СДСМ за собирање дневнополитички поени.

-Ние од ЗНАМ сме партија која е свесна за моментот во кој се наоѓа Македонија, момент во кој после повеќедецениско раскрчмување на државата и разнишани институции ни треба стабилност. Стабилност која е предуслов за работа на секое општество. Да се фокусираме на економско зајакнување и градење на стабилен општествен поредок, а не уште на почетокот да се занимаваме со театри и испраќање на политички стрели. Заедно и власта и опозицијата, треба да се фокусираат на основните круцијални проблеми кои го засегаат секој граѓанин и да почнеме одново да градиме една економски стабилна и просперитетна држава, која нема да ги брка своите луѓе надвор од границите, туку ќе биде матица на среќни и задовони граѓани. Затоа почитувани пратеници, Движењето ЗНАМ му дава поддршка на Претседателот за Собранието за понатамошно извршување на функцијата и ќе гласа против интерпелацијата. Големото мнозинството во овој состав на Собранието во кој Движење ЗНАМ има активно учество останува обединето. Обидот истото да се дестаблизира очигледно е дека е неуспешен, заклучи Арсовски.

Парламентарната група на коалицијата на ДУИ се изјасни дека нема да ја поддржат интерпелацијата за претседателот на Собранието Гаши, бидејќи како што кажа пратеникот на ДУИ Талат Џафери на денешната седница „мотивацијата на подносителите од Левица е неговата етничка припадност“.

Претресот по интерпелацијата на работата на претседателот на Собранието почна претпладне, а се вклучија 21 пратеник.

По гласањето за интерпелацијата, продолжи работата по останатите точки од дневниот рд на 13. седница

- Реклама -