Околу една десетина од сообраќајните несреќи на крстосници се резултат на нечие минување на црвено. Но – она што е навистина потресно за одговорните возачи – половина од жртвите се оние кои ги почитувале сообраќајните прописи. Сега истражувачи од Институтот за Технологија од Масачусетс развиле алгоритам кој може да „забележи“ возачи кои имаат поголеми шанси за минување на црвено – пред да го сторат тоа.
Мониторот ги „набљудува“ забавувањето и растојанието од сообраќајно светло – и „претпоставува“ кои возила имаат поголеми шанси да го прекршат законот. Клучно е што софтверот може да обезбеди предупредување од две секунди ако постои опасност некој да ја премине крстосницата непрописно – доволно време за другите возачи да закочат.
„Предизвикот е да не бидете преголем песимист. Преголем песимизам и ќе започнете да пријавувате проблеми и каде што истите не постојат, при што многу брзо, човекот ќе притисне копче и ќе го исклучи системот“ изјавил Џонатан Хау, професор по аеронаутика и астронаутика од Институтот за Технологија од Масачусетс.
Тој додал дека „паметните“ автомобили на иднината би можеле да го користат системот за да им помогне на возачите да предвидат и избегнат потенцијални несреќи. Истражувачите го тестирале алгоритмот на податоци собрани на крстосница во Вирџинија, и откриле дека тој прецизно ги идентификувал потенцијалните прекршители во рок од две секунди пред да стигнат до семафорот – според истражувачите доволно време за другите возачи на крстосница да можат да реагираат на заканата ако бидат предупредени.
Споредено со други напори за моделирање на однесувањето на возачите, алгоритмот од Бостон генерирал помалку лажни предупредувања, важна предност за систем кој известува луѓе. „Ако имате некој тип на дисплеј за возачот, би било возможно да бидете предупредени за други возачи кои се ,грижа’“ вели Хау.
„Дури и ако вашето светло е зелено, алгоритмот би можел да ви препорача да не тргнувате, бидејќи има луѓе кои се однесуваат непристојно а за кои вие не сте свесни.“ Хау вели дека за да биде имплементиран ваков систем за предупредување, возилата би требало да бидат способни да „разговараат“ меѓусебе, испраќајќи и примајќи информации безжично – информации како брзина и позиција на возилото.
Ваква возило-до-возило (V2V) комуникација би можела потенцијално да ја подобри безбедноста и да ги намали сообраќајните метежи. Во моментов американското Министерство за Транспорт истражува V2V технологии, заедно со неколку големи автомобилски производители – како Ford Motor Company, кој оваа година тестира прототипи со напреден Wi-Fi и системи за избегнување судари.
Истражувачите сега разгледуваат идеи за дизајнирање на затворен систем – кој на возачите би им давал предлози за реагирање на потенцијални несреќи – и исто така планираат да го приспособат веќе постоечкиот алгоритам за воздушна контрола за да може да биде предвидено однесувањето на летала.[Warning system that spots bad drivers BEFORE they kill you]