Напорите на Сингапур да го зголеми наталитетот навлегоа во нова димензија – и тоа една многу тесна димензија, како што ја нарече Daily Mail.
„Не треба многу простор за да се има секс“, изјави високата државна министерка Џозефин Teo, алудирајќи на тоа дека деца треба да се прават по безмалку секоја цена. Со оваа изјава таа се обиде да ги промени моменталните навики во земјата и да ги охрабри младите парови да имаат деца, дури и ако сé уште не располагаат со сопствено живеалиште.
Инаку, Сингапур – најбогатиот финансиски центар во Азија, има петта најниска стапка на наталитет во светот, со 1.3 раѓања по жена, покажуваат податоците на Светската банка. Градот-држава се соочува со недостиг од работна сила, а притоа работи и на тоа да ја ограничи имиграцијата, што го става во многу незавидна положба. Минатата година населението се зголемило за само 1.2% – тоа е најнискиот регистриран позитивен прираст во повеќе од една деценија.
Изјавите како таа на министерката не се единствените напори кои владата ги вложува во таа насока. Пред сé, земјата ги стимулира младите родители со по 10.000 сингапурски долари (7400 долари) на дете. Покрај тоа, брачните двојки имаат приоритет при доделувањето на општинските станови. Дури и приватните компании се приклучуваат на кампањата за зголемување на наталитетот. На пример, во 2012 година, Mentos пушти рекламна кампања со наслов „Национална ноќ“, во која Сингапурците беа повикани да „го кренат знамето“ и да направат партиотизмот „да експлодира“.
Како и да е, коментарите на Џозефин Teo звучат далеку попретерано од останатите мерки, и предизвикаа сериозно раздвижување на социјалните мрежи. Некои блогови удрија на хумор, па направија листи од најтесните сокачиња на Сингапур каде што може да се има секс. На други не им беше до шега: „Сингапурците се како птиците – не очекувајте да лежат јајца, кога немаат гнездо во кое можат да ги положат“, гласи еден од коментарите.
Според активистите за правата на жените, за да дојде до зголемување на наталитетот во земјата, потребно е да се премостат уште многу пречки. Многу од жените сé уште се соочуваат со дискриминација на работното место, а згора на тоа, работното време во Сингапур е подолго отколку во другите развиени економии.
На темата: Зошто националните кампањи за зголемување на наталитетот не успеваат