Присутните на работната посета на Македонска Каменица на натпартискиот кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ – професорката Гордана Силјановска-Давкова, вчера добро се забавуваа на сметка на премиерот Зоран Заев. Силјановска, освен што констатираше дека покрај на англиски и „есперанто“, Заев е неразбирлив и на македонски, премиерот го нарече и „машка Катица“, алудирајќи на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
По повод посетата, Силјановска се обрати и дообјасни и на Фејсбук. Таа порача дека Каменица ќе остане македонска, но и дека Македонија е силна како камен:
„ЧУДАТА НА ЗАЕВИЗМОТ: Ја поздравив и Македонска Каменица, но не употребив специјален јазик, „есперанто“ или немуштиот јазик на премиерот! Јас не го говорам ниту разбирам новомакедонскиот јазик. Зборувам со јазикот што луѓето најдобро го разбираат, па се сложивме дека државата не може да оди напред со Заев како машка верзија на Катица, и со Катица како женска верзија на Заев. Луѓе без капацитет за сопствена акција, ами само слепи извршители на налози однадвор, не можат ни да водат, ни да реформираат. Луѓето со кои се сретнав ми кажаа дека не само што нивниот град ќе остане македонски, туку и дека Македонија е силна како камен. Но, маките се по народот, па и тука се бара надеж и излез од безизлезот. Човек треба да има доблест и храброст да им каже и на овие драги луѓе и на сите дека Европа почнува тука, со нас и заради нас. Никој нема да нѐ спасува ако самите не ја исправиме оваа држава на нозе. А тоа се прави само преку државни институции во кои владее правото, а не со мала политичка клика која мисли само на својот профит, а која на обичните луѓе се сеќава само за избори или на Прочка. Некои чуда на заевизмот не е можно ниту да се заборават, ниту да се простат“, порача Силјановска на Фејсбук.