„Шведскиот модел“ нѐ донесе до „италијанско сценарио“, целиот здравствен систем мобилизиран

Од самото воведување на полицискиот час како мерка против ширење на коронавирусот во земјава, на социјалните мрежи можеа да се прочитаат многу реакции од делот од граѓани кои беа гневни што им се ограничува слободата поради „болест што не е толку опасна“. Со секој нареден ден и час поминат во карантин, бројот и интензитетот на таквите реакции се зголемуваше. Најчесто сретнуваниот аргумент беше „шведскиот модел“ – модел без рестрикции на движењето, базиран на свеста на граѓаните. „Како во Шведска слободно шетаат, а нас нѐ затварате?“, реагираа дел од граѓаните.

Еве сме денес, неколку недели откако започна намалувањето на рестриктивните мерки и започна приближувањето кон она што дел од нашите граѓани го подразбираат под „шведски модел“. До вчера напладне, во Ковид центрите и инфективните одделенија во болниците во земјава се хоспитализирани вкупно 328 заболени од Ковид-19. Досега во земјата се регистрирани 4.482 случаи на коронавирус, од кои 1.803 се оздравени, но 210 се починати. Бројот на активни слуачи е 2.469, од кои 1425 се во главниот град. Во последниов период на двапати имавме по рекордни 9 починати, а исто така на двапати имавме и над 190 новозаразени во 24 часа.

Како што соопштува Министерството за здравство, мобилизиран е целиот здравствен систем. Капацитетите во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и Градската општа болница „8 Септември“, преку систем на ротација, се зајакнати со медицински кадар со цел подобро и побрзо справување со коронавирусот. Станува збор за 54 доктори и медицински сестри кои се прераспределени од јавно-здравствените установи ширум целата држава.

„Го мобилизираме целиот здравствен систем за побрзо да го надминеме и овој бран (*според СЗО, не е нов бран). Со вклучувањето на дополнителен тим значително ќе им ја олесниме работата и ќе им помогнеме на вработените во овие две установи во справувањето со овој непредвидлив вирус“. Во функција е ставена и монтажната болница, каде се сместени тројца пациенти. Оваа болница е целосно опремена и има капацитет од дополнителни 72 кревети, како надополнување за Инфективната клиника, посочуваат од Министерството за здравство.

„Со месеци се обидувавме да не дојде до ваква ситуација, да не се преполнат болничките капацитети, а со тоа да не се оптовари целиот здравствениот систем. Но, ситуацијата сега налага да бараме засилување на медицинскиот кадар, сите се веќе преморени. Јас лично мислам дека ова не е втор бран на вирусот, ова е само директна последица на непочитување на мерките и препораките за кои ние зборувавме сите овие месеци“, изјави за „Фактор“, пред два дена, директорката на Клиниката за инфективни болести во Скопје – д-р. Милена Стевановиќ.

Според математичките анализи на професор д-р Дејан Трајковски од Техничкиот универзитет во Битола, актуелниот тренд на новозаразени во земјава го надминува дури и италијанското сценарио. Според него, 129 новозаразени во 24 часа во земјава се еквивалент на 5.5 илјади новозаразени за 24 часа во Италија, колку што изнесува просекот во најпогодената европска земја. Но, во последниве денови во земјава просекот е над таа граница и се движи околу 160 новозаразени дневно, со тенденција за понатамошен раст. Според Трајковски, за околу 18.5 дена – колку што во просек трае периодот од првите симптоми до смртта, овие трендови ќе се пресликаат и во бројот на починати. Според неговите анализи, можеме да очекуваме и над 40 починати на дневна основа, што е за 50% повеќе од италијанскиот просек.

Репродукциски индекс на вирусот од 1.3 и достигнување на границата од вкупно 8.000 заболени до почетокот на јули, доколку се задржи оваа динамика, исто како и Трајковски, пред три дена за „Слободен печат“ потврди и директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат – Ирина Бухова-Сотирова.

„Не треба да нѐ плашат бројките, туку однесувањето на граѓаните“, вели таа. „Ако сакаме бројките да се намалуваат, мора да се почитуваат мерките, нема друг начин. Кога не разбираме, треба да очекуваме зголемување на бројот на заболени“.

Министерот Венко Филипче исто така секојдневно апелира да се почитуваат мерките. Како се полнат болниците, така сѐ повеќе се обидува да изнуди свест преку играње на картата на сочувство со здравствените работници:

„Здравствените работници со месеци не се прибрани дома и изложени се на голем ризик, на долги смени за да го спасат секој живот. Ова како граѓани мора да го почитуваме. Ќе направиме сѐ за да обезбедиме поддршка, ги мобилизираме сите ресурси во здравствениот систем за да ја надминеме оваа криза. Секој може да помогне со следење на едноставните три препораки – маска, дистанца и дезинфекција. Ве молам да ги почитуваме овие мерки за да може здравствените работници да здивнат, да се ослободат од притисокот заради тоа што тоа е единствениот начин да ставиме крај на оваа криза“, порача вчера, но и практично секој ден претходно, министерот Филипче. „Сакам да им порачам на сите: Да ги слушаме нашите лекари, да се придржуваме до мерките заштита, да не се групираме, да носиме заштитна маска и често да ги миеме рацете. Mораме да бидеме свесни дека само од нас зависи. Да ги почитуваме мерките без исклучок“, апелира тој.

- Реклама -