СЗО: Порастот на новозаболени не значи „втор бран“; Довербата меѓу лидерите и граѓаните е клучна за справување со вирусот

Како земјите ги реотвораат бизнисите и граѓаните се враќаат кон некаква делумна нормалност, така сѐ повеќе регистрираат нови случаи на Ковид-19. Најмалку 20-тина земји во моментов бележат брз пораст на новозаразени, а околу половина од нив бележат пораст на стапката на хоспитализација на пациентите заразени од коронавирус. Бројките покажуваат дека, без дилема, Македонија е една од нив.

Сепак, иако министерот Венко Филипче и дел од медиумите во повеќе наврати ја користат оваа формулација, не може да се зборува за „втор бран“, повторно порача Мајк Рајан – директор на програмата за итни здравствени ситуации на Светската здравствена организација.

„Прво и основно, најголемиот дел од светот во моментов е сѐ уште во првиот бран на пандемијата“, рече тој на новинарски брифинг на 13 јуни, објаснувајќи дека најголемиот дел од научниците и медицинските професионалци под „втор бран“ подразбираат нешто различно од она што сега се случува:

Иако многу земји го поминаа пикот на првиот бран, тоа не значи дека новите порасти претставуваат втор бран. Со други зборови, болеста не достигна многу ниско ниво, не се задржа на ниско ниво, па потоа да се врати нешто подоцна во текот на годината. Наместо тоа, овие повторни пикови, се чини, се поврзани со реотворање на општествата, што доведува до мешање на луѓето без гаранција дека практикуваат физичко дистанцирање, рече Рајан, заклучувајќи:

„Воопшто не е изненадувачко што било која земја што излегува од овие таканаречени карантини може да има кластери на болеста и враќање на болеста. Тоа не значи дека се работи за втор бран“.

Ваквата изјава на Рајан е сосема во согласност со она на што предупреди уште кон крајот на мај:

Ако мерките за спречување на првиот бран се олабават прерано, можно е стапката на зараза потворно брзо да порасне. Мораме да сме свесни за фактот дека можен е скок на болеста во било кое време. Не смееме да се водиме по претпоставката дека само затоа што болеста е во опаѓање сега – ќе продолжи да опаѓа и понатаму, ниту по претпоставката дека имаме барем неколку месеци да се подготвиме за втор бран. Можеме да имаме втор пик во овој бран“, рече тогаш Рајан.

ВТОР КАРАНТИН?

Рајан не спомена второ затворање/карантинирање на општествата како една од потенцијалните мерки за справување со овие повторни растови на новозаболените, иако Кина го направи токму тоа. Наместо тоа, порача експертот на СЗО, сѐ додека не биде пронајдена и широко дистрибуирана вакцина, властите треба да се фокусираат многу повеќе на микро процеси за контрола на ширењето на вирусот, како прецизно откривање на изворите од каде доаѓаат новите случаи и имплементирање на интервентни мерки во тие конкретни региони, наместо на целите територии. За такво нешто, потенцираше, на владите им се неопходни добри податоци:

„Тоа навистина се сведува на софистицираноста на вашиот систем за следење на јавното здравје, способноста да се тестира, да се идентификува и да се следи вирусот додека се шири меѓу заедницата, и вашата способност да имплементирате мерки што нема да важат за сите. Без добри податоци, речиси е невозможен таквиот пристап“, додаде Рајан.

ДОВЕРБАТА МЕЃУ ВЛАДИТЕ/ЛИДЕРИТЕ И ГРАЃАНИТЕ Е КЛУЧНА

Уште еден клучен услов за контрола на ширењето на вирусот е силна врска меѓу лидерите и нивните заедници, што им го овозможува на граѓаните знаењето и способноста да се штитат самите и нивните соседи, додаде Рајан.

Тоа е полесно да се каже, отколку да се направи, признава тој:

„Постои внимателен баланс што треба да биде постигнат меѓу тоа да ги затворите сите дома и да продолжите комплетно да ја задушувате трансмисијата на Ковид-19 – и ефектите од тоа врз економијата и општеството. А тоа не е лесен баланс за постигнување. Ова е дилема што се однесува на јавното здравје и мора да биде внимателно менаџирана и балансирана од секоја влада, секоја минута, секој ден“, заклучи експертот на СЗО.

- Реклама -