На еден тренинг на еден мал фудбалски клуб од Шкотска, топката ја прелетала оградата и завршила 1.800 километри подалеку, на северот на Норвешка.
Играчите на тимот Banks o’ Dee од Абердин веќе се простиле од топката, и не се надевале дека некогаш повторно ќе ја видат откако паднала во блиската река Ди. Меѓутоа, ги чекало изненадување – им стигнал меил од човек што ја пронашол во Норвешка.
„Поздрав! Вие дефинитивно го имате еден од најдобрите изведувачи на слободни удари. Мојот пријател ја пронајде топката со името на вашиот клуб на брегот. Доста пропатувала. Ние сме оддалечени 1.800 километри, северно од Абердин, и се наоѓаме на островот Ванa, 10 километри од Тромзo, на северот на Норвешка. Топката е малку нечиста поради долгиот пат, но потполно употреблива. Видете на сликата“, им пишал пријателот на чесниот наоѓач – Џони Микалсен.
Топката завршила на брегот на северна Норвешка заедно со гранките дрва кои брановите ги исфрлиле на плажата, за разлика од другите топки на Banks o’ Dee, кои никогаш не се пронајдени откако паднале во реката.
Топката не е вратена, а и веројатно е дека клубот ќе го почасти наоѓачот со тоа да ја задржи. Не само тоа, туку се надеваат дека во иднина ќе можат да ги угостат двајцата Норвежани на еден од своите натпревари.