Сте прочитале доволно статии за да го знаете најдобриот рецепт за губење килограми – „хранете се правилно И вежбајте“. Ама ако треба да се бира едното од тие две, кое е поефикасно?
Подобро ли е да одите 4 дена неделно во теретана, или да мезнете салата наместо чипс? За Филип Стенфорт – професор на тексашкиот универзитет и директор на тамошниот институт за фитнес, нема дилема:
„Кога е во прашање губење на килограмите, анализите покажуваат дека исхраната игра многу поголема улога отколку вежбањето“, вели тој за Science Alert.
Стенфорт објаснува и зошто; Вежбањето подразбира време и постојан напор, а потребно е и повеќе време за да се добијат видливи резултати. Згора на тоа, при вежбањето се трошат многу помалку калории отколку што повеќето луѓе мислат дека трошат.
Од друга страна, постои добар дел во нашата исхрана богата со шеќери, масти и калории од кој можеме да се откажеме, но и релативно брзо да ги видиме промените во пределот на половината.
„Морате да пропешачите 56 километри за да потрошите 3.500 калории“, објаснува Стенфорт. „Тоа е многу одење. А една чоколада содржи, отприлика, 500 калории. Многу полесно е да го прескокнете чоколадото, отколку да одите 8 километри (колку што би биле потребни за да го анулирате чоколадото)“.
Науката потврдува. Обемната студија објавена пред неколку години во American Journal of Clinical Nutrition, спроведена на над 3.000 луѓе, покажа дека исхраната со помалку калории е поефикасна во слабеењето отколку вежбањето.
Сепак, вежбањето е важно во следната етапа. Другите студии покажуваат дека луѓето кои успеале да ги симнат килограмите, најдобро успеваат во задржување на таквата линија со редовно вежбање. Се разбира, тука се и редовните бенефити од вежбањето – го подобрува расположението (или тоа што ние го викаме „во здраво тело – здрав дух“) и му помага на организмот подобро да се справи со стрес и депресија, меѓу другото.