Премиерот Зоран Заев попладнево остварил работна средба со заменик-државната секретарката на Стејт Департментот на САД – Венди Шерман, на која биле присутни и останатите сојузници како и претставници на НАТО, информираат од Владата.
На состанокот била разгледана моменталната безбедносна состојба во Авганистан и биле утврдени механизмите за евакуација на миротворното население кое, како што се вели во соопштението, 20 години ја негувало демократијата во Авганистан.
Според владината прес-служба, Заев ги информирал Сојузниците дека Северна Македонија ги завршила сите неопходни подготовки и ги подготвила протоколите со кои Владата на Република Северна Македонија во овој момент е подготвена да прифати околу 650 граѓани, локално население од Авганистан и тоа вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија.
Заменик-државната секретарката на Стејт Департментот – Шерман, отворено ја поздравила заложбата на Северна Македонија како потврден и доверлив партнер на САД во оваа заедничка хуманитарна мисија.
ФОТО: Влада на РСМ