Во вторникот, на сослушувањето пред американскиот Конгрес, шефот на Google – Сундар Пичај, беше прашан да објасни зошто кога го пребарувате зборот „идиот“ (на англиски) преку слики, пребарувачот Google ви враќа слики од американскиот претседател Доналд Трамп. Прашањето беше поставено од претставничката Зои Лофгрен, во обид да ја побие тезата дека Google намерно ги манипулира резултатите од пребарувањата. Пичај понуди доста долго генерално објаснување за тоа функционира алгоритмот за пребарување.
„Секогаш кога ќе пребарате клучен збор, ние, т.е. Google, оди и пребарува зачувани копии од милијарди веб-страни во нашиот индекс. Го земаме клучниот збор и го споредуваме со страните и ги рангираме врз основа на 200 критериуми – нешта како релевантност, скорост на објавување, популарност, како другите луѓе ги користат… и врз база на тоа се обидуваме да ги прикажеме најдобрите резултати“.
Со други зборови, Пичај објасни дека не се работи за некакви политички ставови или наклонетост на компанијата, туку за резултати што автоматски се базираат на тоа како луѓето го користат пребарувачот, што во случајов значи дека често до името и сликата на Доналд Трамп го пишувале зборот „идиот“:
„Значи не се работи за тоа дека некое мало човече седи зад завесата и одредува што ќе им покажеме на луѓето“, констатираше иронично претставничката Лофгрен, „туку се работи за една компилација од тоа што корисниците го генерираат и обид да се сортира меѓу таа информација“.
На тоа Пичај дообјасни дека за некои термини има и по три трилиони пребарувања, како и дека 15% од пребарувањата што Google ги гледа секој ден – ги нема видено претходно. Сето тоа работи во размер, т.е. луѓето зад Google не интервенираат рачно во резултатите од дадено пребарување.
Американските медиуми известуваа за Трамп во корелација со пребарувањата за зборот „идиот“ нешто порано годинава, па ако сега го пребарате зборот, во најголем дел Google ќе ви ги прикаже токму тие статии што објаснуваат зошто тоа е така. Додека претходно, тоа што сликата на Трамп се појавувала при пребарувањата на зборот, било резултат на добро позната тактика наречена „Google bombing“, т.е. „бомбардирање на Гугл“. Имено, надворешни странки намерно масовно ги впишувале двата збора заедно („Трамп“ и „идиот“) за да ги манипулираат резултатите.
Од друга страна, Трамп не е првиот американски претседател што беше „гугл-бомбардиран“. Во средината на 2000-тите, ако пребаравте „miserable failure“ (мизерен неуспех, пропаст), Google ќе ви вратеше слики од претседателот Џорџ Буш.