Севернокорејски медиуми: Договорот Москва-Пјонгјанг предвидува итна воена помош во случај на војна

Новиот договор помеѓу Русија и Северна Кореја бара од двете земји да ги искористат сите расположливи средства за давање итна воена помош во случај на војна, објавија денеска севернокорејските државни медиуми.

Договорот што на средбата во Пјонгјанг го постигнаа лидерите на двете земји Владимир Путин и Ким Џонг-ун, медиумите го опишуваат како „голема надградба на билатералните односи, што вклучува безбедност, трговија, инвестиции, културни и хуманитарни врски“.

Аналитичарите веруваат дека новиот договор може да ја означи најсилната врска меѓу Москва и Пјонгјанг од крајот на Студената војна.

Државната севернокорејска новинска агенција (КЦНА) го истакнува членот 4 од договорот според кој доколку една од земјите е нападната и во воена состојба, другата мора веднаш да ги распореди „сите ресурси што и се на располагање“ за да обезбеди „воена и друга помош“. Но, во него се наведува и дека таквите активности мора да бидат во согласност со законите на двете земји и со членот 51 од Повелбата на Обединети нации, кој го признава правото на земја-членка на ОН на самоодбрана.

Прочитајте и:  Полска компанија илегално испорачала стотици илјади парчиња швајцарска муниција во Украина

По средбата со Путин, Ким изјави дека двете земји имаат „огнено пријателство“ и дека договорот е нивниот „најсилен договор досега“, а нивните односи се на ниво на сојуз. Тој вети целосна поддршка за руската војна во Украина.

Додека договорот за Путин е „впечатлив документ“, кој ги одразува заедничките желби за односите да се подигнат на повисоко ниво.

Северна Кореја и СССР во 1961 година потпишаа договор, според кој, според експертите, воена интервенција на Москва била неопходна доколку Северна Кореја биде нападната. Договорот беше укинат по распадот на СССР и заменет со договор од 2000 година, кој нудеше послаби безбедносни гаранции.

- Реклама -