Семафори во асфалтот, за пешаците со смартфон да не мора да креваат глава

h_11[1]

Има предности да живееш во Македонија и да си назад зад Западот. Не многу, ама една од нив е што по улици уште можеш да видиш луѓе што не зјапаат во смартфонот додека одат или преминуваат улица. Фејсбук и новите опции уште повеќе ги искомплицираа работите, па за очекување е дека уште повеќе луѓе ќе страдаат додека се мислат дали да „лајкнат“ или да „love-нат“ одреден ФБ пост. А таквите веќе добија и „стручен“ назив – „petextrians“, од pedestrians-пешаци и text-допишување преку пораки.

Според една анализа на Wall Street Journal, помеѓу 2010 и 2014 година во САД, бројот на пешаци што се занеле во телефонот и завршиле на ургентно е зголемен за 124%. Проблеми со вакви пешаци имаат сите развиени градови (освен Скопје): Антверп и Чонгчинг ги потапшаа по рамо и им направија посебна стаза, а Њу Џерси обратно – предложи казна од 50 долари и/или затвор.

Сега на листата им се приклучува и Аугсбург, Геманија, со речиси апсурдна мерка – ќе вградува семафори во самиот асфалт, на земја, за овие да не мора да ја креваат главата. И тоа пазете, зборуваме за пешачки премини што сечат трамвајски линии, а не обични улици. Семафорите се видливи и од далеку, па наводно ќе им помогнат и на велосипедистите, кои „се приближуваат до пругите со многу поголема брзина“ и кои, според кажаново, очигледно преферираат да не гледаат пред себе, туку во земјата и предното тркало…

088acd547[1]Новите семафори се сé уште во експериментална фаза, а ако се покажат успешни, ќе се имплементираат и во други делови на Германија, а веројатно и, за жал, низ Европа.

- Реклама -