Њу Џерси: 50 долари и/или затвор за пешаците што зјапаат во смартфон

mobilni_u_hodu[1]

Кај нас тек-тук уште има луѓе што не зјапаат во мобилните додека пешачат, ама на Западот тоа е сé поголем проблем. За да го решат, прво Чонгчинг во Кина, па Антверп во Белгија направија посебни стази и ленти за овие пешаци, а во меѓувреме можеби им се приклучија и други градови. Од друга страна, властите на Њу Џерси размислуваат за сосема спротивна мерка.

Користењето на мобилниот телефон во од, претставува одреден ризик, кој некогаш знае да биде и фатален. Затоа, локалната управа на Њу Џерси има намера да ги казнува луѓето кои се однесуваат неодговорно и зјапаат во телефонот. Се разбира, тука не се вклучени „хендс-фри“ корисниците – впрочем затоа e и измисленa таа опција.

Една од членовите на државниот совет – Памела Лампит, предложи казна од 50 долари, казна затвор од 15 дена или комбинација од двете. „Ако уредите им го попречуваат вниманието на пешаците и возачите, тоа е опасно за сите учесници во сообраќајот. Лицето кое преминува улица и користи смартфон претставува опасност за возачите. Таквото однесување мора да биде казнето“, изјави Лампит.

Законот сé уште не е усвоен, но важното е што почнува да се размислува за решавање на проблемот.

Статистиката на Националниот совет за безбедноста покажува дека помеѓу 2000 и 2011 година, се случиле 11.101 несреќи како последица на користењето на смартфон за време на движење.

- Реклама -