Сé што има витамин не е здраво

mleko

Зад таканаречените „здравствени тврдења“ за позитивното влијание на витамините кои ги содржат одредени производи, понекогаш, таму од другата страна на етикетата, можат да се „кријат“ состојки кои не само што не придонесуваат за здравјето на телото, туку го прават и обратното.

„Содржи витамин Д, кој има позитивен ефект врз здравјето на забите и коските“… Вакви и слични изјави има насекаде околу нас, а добар пример е чоколадно млеко. Да, тоа може да содржи и триста витамини, ама дефинитивно содржи и големи количини на шеќер, за кој  добро знаеме дека воопшто не влијае добро по здравјето на забите, а и дебелината.

Организацијата Foodwatch неодамна спроведе истражување во кое е утврдено дека 80 отсто од прехранбените производи во Германија и Холандија, на кои им се „закачени“ изјави за тоа дека содржат витамини, според класификацијата на Светската здравствена организација (СЗО) – спаѓаат во нездрава храна. Како што покажуваат и истражувањата, колачиња, бонбони, сладоледи и чоколадо се рекламираат како полни со витамини и здрави.

Истакнувањето на позитивното влијание на витамините кои ги има во прехранбените производи во суштина треба да е резервирано за поттикнување на потрошувачите да купуваат здрава храна. Но, ете, истите тие аргументи наоѓаат и друга примена и можат негативно да влијаат на здравјето на купувачите, особено кога стојат на производи кои содржат големи количини на шеќер, сол и други потенцијално штетни материи. Мислејќи дека купуваат здрава храна, потрошувачите се измамени од ваквиот тип на рекламирање и всушност купуваат џанк-фуд, предупредуваат експертите.

Прочитајте и:  Свинската маст може да биде дел од урамнотежена исхрана - кое е најдоброто време да ја јадете?

Според СЗО, повеќе од 50% од граѓаните во европскиот регион страдаат од прекумерна тежина, а 20% се дебели. Европа е најлоша во светот по стапката на смртност од кардиоваскуларни болести, дијабетес и рак. Главната причина за ова се лошите навики во исхраната и нездравиот состав на храната.

На крајот останува да заклучиме дека читањето на декларацијата сé уште е единствената гаранција за здрава исхрана. Иако пакувањето ви боде очи со големи и шарени букви од витамини, најважно е тоа што е напишано со мали, на етикетата одзади.

- Реклама -