Статијата е изворно објавена на Автоплус
На покана на регионалниот дистрибутер за програмата на Peugeot, македонската компанијата Еуроимпекс, бевме дел од презентацијата на новиот кросовер 3008. Во агендата беше и кратко возење на потегот од Скопје до Гостивар, односно селото Беловиште. По дебито во Париз, каде собра огромен број симпатии, поради одличната трансформација од ван во кросовер, новината Peugeot 3008, брзо стана вистински хит во понудата на францускиот производител. Уште една потврда дека кросоверите се во тренд, најбрзорастечкиот сегмент на Стариот континент.
Од неодамна моделот е и во ценовникот на дистрибутерот за францускиот гигант на овие простори, македонската компанија Еуроимпекс, која повторно на свој начин, го презентираше пред новинарите. Беше организирано заедничко возење до Гостивар, односно до селото Беловиште, каде со ангажманот на повеќе изведби од гамата можевме да се запознаеме со деталите од опремата. Динамиката и возните својства на моделот. Со должина од 4,45 метри, Peugeot 3008 SUV ја задржува компактноста наметната со ван изведбата, но сепак нуди повеќе простор, како во кабината, така и во багажникот, кој има 520 литри. Најзначајната бројка што говори за напредокот на новиот 3008 сепак е тежината, која што е намалена за 100 килограми, со примена на лесна каросериска конструкција, односно висококвалитетен челик, термопластика, како и алуминиум.
Интересен е фактот дека не се нуди погон на сите четири тркала додека не се појави хибридната верзија која ќе користи електромотори за да ги задвижи задните тркала. Засега 3008 останува со погон на предната оска, а како одговор на теренските предизвици го нуди новиот Grip Control систем со неколку режими на работа. Свој придонес дава и Hill Descent систем за безбедно симнување по нерамен и стрмен терен. Главната иновација во кабината е во еволуцијата на i-Cockpit, со додатокот Amplify. Со доплата е достапен и спортски пакет, со два модуса, Relax и Boost. Користењето паметен телефон и други преносни уреди функционира преку MirrorScreen – компатибилен со Android и Apple Carplay, индуктивно полнење и навигација со тридимензионален приказ на просторот, односно на околните објекти и знаменитости. Патни информации пристигаат преку TomTom Traffic, вклучувајќи и опција за претплата на сервисот и добивање информации преку мрежата, за опасност на патот. Гласовните команди се подржани преку Android S-Voice и Apple Siri. Агрегатската понуда ја сочинуваат бензинците – 1.2L PureTech 130 и 1.6L THP 165, како дизелите – 1.6L BlueHDi 100, 1.6L BlueHDi 120, 2.0L BlueHDi 150 и 2.0L BlueHDi 180. Трансмисијата е преку 5 и 6-брзински мануелен и шестстепен автоматски менувач.