СДСМ vs. ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски нема поим од право и политика, СДСМ сама „си пука во слепоочница“

„Денеска Христијан Мицкоски повторно покажа две работи: 1) на маката, на националната трагедија сака да профитира за себе, и 2) дека не разбира политика ниту право. Предлогот на Мицкоски е голо политиканство и очаен обид да се напаѓа неосновано“, реагираат од СДСМ, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се закани дека до Собранието ќе поднесат предлог за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче.

„Уставот на државата е јасен: Член на Владата може да поднесе оставка, но пред премиерот. Претседателот на Владата може да предложи разрешување на член на Владата, а за предлогот за разрешување Собранието одлучува на наредната седница“, тврдат од СДСМ.

„На Мицкоски очигледно не му кажале каква се процедурите за поставување и разрешување министри, па затоа денеска излегува со смешни ултиматуми и предлози кои немаат никаква правна основа. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат неодговорно, се ситат на несреќи, а денеска излегуваат со несериозни и правно неписмени предлози. Сето тоа е доказ за очајот во кој е западнат бидејќи знае дека го чека нов пораз на изборите“, се вели во реакцијата.

Според опозицијата, пак, СДСМ со ваквата реакција „сама си пyкала во слепоочница“.

„СДСМ си пyкаше во слепоочница со реакцијата, тие ја имаат воспоставено праксата за предлагање на вакви одлуки за која сега велат дека е неуставна“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ сѐ ќе стори да ја заштити функцијата на Филипче. Да се трудеа толку да ги заштитат животите на луѓето, немаше да бидеме први по смртност во Европа и немаше да се случи трагедијата во Тетово“, обвинуваат тие.

„СДСМ и Заев нека не бараат изговори, единствено што треба да направат е да ги разрешат Филипче и Хасани.

СДСМ треба да знаат дека член 68 од Уставот му дава овластување на Собранието со одлука да врши избори, именувања и разрешувања на носители на јавна функција утврдени со Устав и со закон. Венко Филипче е избран со одлука на Собранието, со одлука може и да биде разрешен.

Прочитајте и:  Мицкоски разочаран од новото раководство на СДСМ

Според член 92 од Уставот кој вели дека Владата и секој нејзин член за својата работа одговара пред Собранието, јасно е дека Венко Филипче и индивидуално одговара за својата работа пред пред Собранието.

Член 93 од Уставот вели дека член на Влада има право да поднесе оставка, а разрешувањето по предлог од Претседател на Влада е сосема друга процедура.

Членот 184 став 1 од Деловникот му дава право да предлага одлуки на секој пратеник. Венко Филипче и Илир Хасани не се избрани со декларација, закон или резолуција, тие се избрани со одлука, па според тоа со одлука треба и да се разрешат“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„Но да мислеа на законот и на Уставот, СДСМ и Заев немаше да чекаат со денови за оставките на Филипче и Хасани. Туку сега веќе ќе беа заминати, а оставка ќе си дадеше и Заев“, обвинија од најголемата опозициска партија, додавајќи дека Заев и Филипче треба да си дадат оставки, бидејќи само така може да има непристрасна и независна истрага.

Разидувања по овие прашања има и кај експертите. Според професорот по Уставно право – Саво Климовски, оставката министер практично ја поднесува до Собранието. Според професорот од Правен факултет – Борче Давитковски, пак, министер нема што да поднесува оставка до Собранието (нивните аргументи прочитајте ги ТУКА). Денеска и собранискиот спикер Талат Џафери изјави дека ВМРО-ДПМНЕ не може да бара разрешување на Филипче и дека оставка на министер оди до премиерот, а само ако тој ја прифати оди понатаму до Собранието во понатамошна процедура.

- Реклама -