„ВМРО-ДПМНЕ не понуди ниедна мерка за граѓаните, се противеше на помошта за работници, а денес очајно се обидува да манипулира. Ништо не се менува во белиот дворец.
ВМРО-ДПМНЕ освен што не понуди ниту една конкретна мерка за помош во справувањето со економските последици од коронакризата, освен што се противеше на секоја мерка што значеше помош на работниците, денеска безобразно ја манипулира јавноста измислувајќи непостоечки случаи“, реагираат од СДСМ на прес-конференцијата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ – Наум Стоилковски, кој ја повика Антикорупциска да отвори предмет затоа што фирма на екс-министерката за финансии – Нина Ангеловска, добила државна помош за плати за вработените.
„Помошта за која денеска манипулира ВМРО-ДПМНЕ е дел од антикризните мерки, не е селективна мерка каде се одлучува дали некој ќе ја добие или не. Критериумите за државната помош се јасни: Секоја фирма која имала пад од 30% од добивката добива државна помош под услов парите да ги префрли на работниците и истите да не бидат отпуштени.
Ако компанијата оствари добивка, ќе ги врати парите кои ги добила како државна помош и ова се критериуми кои важат за сите правни лица кои добиле државна помош“, одговараат од СДСМ.
Како што се вели во реакцијата, со оваа мерка за време на кризата со коронавирусот се спасиле илјадници работни места, особено во секторите кои беа први на удар на кризата.
„Наместо да ја замајува јавноста со непостоечки случаи, ВМРО-ДПМНЕ треба да разбере дека мерката за државна помош е за зачувување на работните места, не е јавен конкурс за распределба на државни средства, не е повик за распределба на пари за компании за развој и инвестиции.
Наместо да трошат енергија на празни прес-конференции преку кои се обидуваат да манипулираат, во ВМРО-ДПМНЕ нека се посветат на внатрешните реформи, да ја модернизираат партијата во контструктивна опозиција која ќе нуди предлог решенија, наместо само лажни вести, деструкција и очајни обиди за манипулација“, повикуваат од СДСМ.