СДСМ: Цел свет освен Мицкоски знае дека сме Македонци кои зборуваат македонски, нема потреба да се разговара во Собранието

„Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се меѓународно потврдени и признаени и нема потреба од било каква расправа за тие прашања особено не во македонското собрание“, велат од СДСМ за иницијативата за донесување на резолуција во која јасно ќе бидат утврдени црвените линии на државава во преговорите со Бугарија.

Од СДСМ не само што сметаат, спротивно од Мицкоски, дека нема потреба да се дискутира во Собранието, туку и го обвинуваат дека, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, работи против државните и национални интереси.

„Христијан Мицкоски до толку е изгубен во своите блокади што бара Собранието да разговара дали сме Македонци кои зборуваат македонски јазик и имаат македонски идентитет и посебност.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Цела Европа, целиот свет знае кои се нашите идентитески позиции, но очигледно само Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во тоа.

Очигледно е дека сѐ што прави Христијан Мицкоски е против државните и национални интереси и во состојба е да измисли сѐ само за да ги блокира тековните мерки и политики што носат придобивки за граѓаните и државата“, велат од СДСМ.

Од владејачката партија порачуваат дека токму затоа Мицкоски долго ќе остане таму каде што е – сам и изолиран во опозиција. „Граѓаните јасно кажаа дека се против деструктивни политичари кои сакаат државата да ја вратат назад во изолација“, додаваат тие.

- Реклама -