„Лажните вести на Николовски и ДПМНЕ се неколку пати демантирани. МЕПСО не се продава. Ниту има одлука, ниту се преговара за продажба на МЕПСО“, порачаа денеска од СДСМ по обвинувањата на опозицијата дека се подготвува нов, како што велат, „бонбона бизнис“.
Според СДСМ, опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема свои политики и нема став за најважните прашања, па затоа „папагалски повторува една иста лага“.
„Освен блокади и лажни вести, ДПМНЕ друго не знае“, велат од СДСМ.
„СДС и ДУИ сакаат да го продадат МЕПСО на грчко-кинеска фирма? Се спрема ли нов бонбона бизнис?
Во Грција излегле информации во медиуми дека грчкиот електро преносен систем каде 24% сопственост има кинескиот електропренеосен систем во државна соспственост сака да го купи МЕПСО“, обвинија претходно од ВМРО-ДПМНЕ.
Доколку власта се осуди на продажба на МЕПСО, велат, тоа ќе значи целосно губење на енергетската независност на Македонија.
„СДС и ДУИ беа тие кои ја продадоа ЕСМ на само неколку месеци пред изборите во 2006 година. СДС и ДУИ се тие чии бонбона бизниси ги чинат граѓаните милиони. Власта да не влегува во нови авантури, МЕПСО е од стратешко значење за државата и негова продажба не носи никаква полза за Македонија и граѓаните“, порачаа од опозицијата.