И СДСМ ќе добие ново име: „Уставот и законите мора да се почитуваат, а ние треба да сме пример“, вели Заев

„Верувам дека во периодот пред нас ќе постапиме согласно Преспанскиот договор и во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Дури дадовме и информација во делот на новото име – ‘СДСМ – Социјалдемократи од Северна Македонија’ е една идеја, има и други идеи. Значи, ние отворено и транспарентно ја отворивме дебатата заради што апелираме до сите да постапуваат согласно Уставот и законите. Ние, секако, треба да бидеме пример за тоа“, одговори денеска премиерот Зоран Заев, прашан дали и СДСМ ќе добие „Северна“ во името, откако вчера премиерот повторно укажа дека МАНУ ќе мора да се преименува бидејќи Преспанскиот подразбира преименување на сите институции што се финансираат од буџетот.

Како што рече и Заев, промената на името на СДСМ беше најавена уште во февруари 2019 година, кога стапи на сила примената на новото име на државата. Денеска Заев објасни дека преименувањето може да се направи само на партиски конгрес (не и на Извршен или Централен одбор) и дека тоа не се случило затоа што единствениот конгрес на СДСМ од уставните измени наваму, како последица на пандемијата со коронавирусот, се одржа онлајн, под знак прашалник колку ќе биде успешен и ефикасен. Оттаму, вели претседателот на партијата, преименувањето ќе се случи на некој од следните конгреси.

Прочитајте и:  СДСМ за изјавата на Сиљановска за помилувањата: Или е само марионета, или се доведува во прашање нејзината деловна способност

Освен „СДСМ – Социјалдемократи од Северна Македонија“, тогаш, во 2019 година, како можен беше најавен и предлог за име на партијата кое нема да го содржи името на државата. Како што беше посочено, тоа би било по примерот на многу други левичарски ориентирани социјалистички и социјалдемократски партии во Европа, па во тој случај СДСМ би можела да стане „Социјалдемократски сојуз (СДС)“.

 

- Реклама -