СДСМ и ДУИ демантираат дека се договориле за ротирачки премиер (3 год. Македонец, 1 год. Албанец)

И ДУИ и СДСМ ја демантираат веста што ја објави весникот „Коха“ – дека веќе е договорено мнозинство од 62 пратеници,  составено од СДСМ и Беса и ДУИ и ДПА, но и дека паднал договор за „ротирачки премиер“, и тоа 3 години од СДСМ и 1 година од ДУИ, односно Албанец.

По ваквата вест, на Фејсбук се огласи Артан Груби. Вели дека ниту преговарале вакви детали, ниту се договориле со СДСМ:

„Во моментов, ниту една од многуте вести во медиумите не е потврдена од наша страна, како и да е, кога ќе имаме нешто конкретно, ќе ве известиме благовремено. Воспоставените пост-изборни контакти со СДСМ и другите партии се колегијални, пријателски, иницијални, секако за доброто на земјата и нејзините граѓани. Разговори за детали, како што се претставени, ниту имало, ниту се договорени со ниту една од страните“, напиша Груби.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Дека ниту преговарале, ниту договориле, тврдат и од СДСМ, за порталот „360 степени“. Разговорите за состав на идната влада ќе ги започнат по конститутивната седница на Собранието, на 4 август, кога и лидерот на партијата Зоран Заев ќе биде вратен од одмор, велат оттаму.

Од СДСМ додаваат и дека идејата за ротирачки премиер, како што пишува „Коха“, за нив е неприфатлива. Притоа потсетуваат на изјавите на Заев пред изборите дека нема да прифатат никаква уцена.

Според СДСМ, „лажната вест“ на „Коха“, како што ја нарекоа, е масло на ДУИ во обид да го релативизира своето главно предизборно барање премиер на државата да биде Албанец.

На Фејсбук, во меѓувреме, со краток коментар се огласи и потпретседателот на СДСМ – Муxaмед Зекири. „Гладна кокошка просо сонува“, напиша тој.

- Реклама -