
Генералниот секретар на Социјалдемократската партија, Александар Саша Димитријевиќ, денес објави дека партијата поднела иницијатива до Уставниот суд за проценка на уставноста на Резолуцијата која беше усвоена од парламентарното мнозинство на ДПМНЕ и ЗНАМ. Според него, оваа Резолуција е неуставна и претставува закана за демократските принципи.
Димитријевиќ истакна дека Резолуцијата директно ги нарушува уставно загарантираните слободи, посебно членот 16 од Уставот, кој го гарантира правото на слобода на говор, јавно изразување и уверување, а истовремено забранува било каква форма на цензура. „Кога се загрозуваат уставниот ред и основните права на човекот, потребна е единствена и одлучна реакција. Оваа Резолуција е директна закана за слободата на говор и политичкото делување на опозицијата“, изјави тој.
Тој додаде дека Резолуцијата не е усмерена на заштита на јавниот ред или стабилноста, туку цели да ја потисне јавната дебата на тема од голем јавен интерес – договорот со Обединетото Кралство, за кој јавноста, како што рече, првично информира да била преку британските медиуми, а кој е поврзан со заем од 6 милијарди евра. „Не може да се третира таква важна тема како создавање паника или закана за јавната стабилност. Не може Резолуција во Собранието да биде насочена против ‘наративот на опозицијата’ и да се заканува со кривични санкции за изразеното мислење“, истакна Димитријевиќ.
Според Социјалдемократската партија, Уставниот суд има задолжение да реагира како врховен заштитник на уставноста, демократијата и основните права на човекот. „Кога се загрозува Уставот, се загрозува и демократијата. Кога се забранува дебатата и се воведува цензура, демократијата престанува да постои и се отвора пат за авторитарно владеење“, додаде генералниот секретар на СДСМ.
Димитријевиќ најави дека партијата ќе продолжи со политичка и институционална борба за заштита на демократските вредности. „СДСМ отвори фронт за правда. Нема да дозволиме прекршување на слободата на говор и демократијата. Заедно со граѓаните ќе го одбраниме демократскиот и уставниот поредок на Македонија“, заклучи тој.



