Нури Сахин ги брои последните денови како член на Реал Мадрид откако и тренерот Жозе Мурињо објави дека турскиот интернационалец е на добар пат да си замине од „Сантијаго Бернабе“.
Турчинот беше најавен како освежување за средниот ред на „Кралевите“ по осум милиони евра вредниот трансфер од Борусија Дортмунд, но не успеа да се избори за место во стартниот тим на Реал. Тој беше поврзуван со преселба во Тотенхем како дел од трансферот на Лука Модриќ, но „Спарс“ ја отфрлија оваа можност инсистирајќи исклучиво на парична понуда за својот најдобар фудбалер.
Со тоа, челниците на Тотенхем широко ја отворија вратата за градскиот ривал Арсенал, којшто сега се наоѓа во пол-позиција во трката по овој талентиран плејмејкер.
„Ситуацијата е јасна, Нури е млад фудбалер кој што сака што повеќе време да минува на теренот, што е апсолутно нормално. Сепак, реалноста е сосема поинаква за него во Реал, бидејќи ние ги имаме Чаби Алонсо, Озил, Кедира, Гранеро и Ласана Диара како централни играчи за врска. Јасно е дека конкуренцијата е огромна и веќе му објаснив на Нури дека доколку сака да биде во тим каде што ќе биде стандарден, ќе мора да си замине од Реал. Слушнав за понудата од Арсенал и можам да кажам дека јас немам никаков проблем со тоа, би му посакал на Сахин многу среќа во иднина“ истакна Мурињо.
За очекување е турскиот интернационалец во текот на следната недела да го комплетира трансферот меѓу „Топчиите“, со што ќе стане второто големо освежување за средниот ред на тимот на Арсен Венгер, којшто исто така ќе го купи и Санти Казорла од Малага.