Вашингтон, 6 април 2022 (МИА) – Американската министерка за финансии Џенет Јелен изјави денеска дека САД нема да учествуваат на состаноците на Групата 20 (Г-20), која ја сочинуваат економски најразвиените земји, доколку присуствува Русија.
„Претседателот (Џозеф) Бајден јасно стави до знаење, и јас секако се согласувам со него, дека Русија не може да продолжи да учествува на вообичаен начин ниту во која било финансиска институција“, истакна Јелен во обраќањето пред Комитетот за финансиски услуги при Претставничкиот дом на САД.
Таа наведе и дека американскиот претседател побарал Русија да биде исклучена од Г-20 и јасно им ставила до знаење на своите колеги во Индонезија, земјата домаќин на самитот на Г-20, дека САД нема да учествуваат на бројни состаноци доколку присуствуваат руски претставници.