САД длабоко загрижени за ситуацијата на Косово, бараат „нелегалните блокади“ веднаш да бидат отстранети

Приштина/Белград, 11 декември 2022 (МИА) – Американските власти изразија длабока загриженост за актуелната ситуација на северот на Косово вечерва и повикаа на максимална воздржаност и активности за намалување на тензиите.

„САД изразуваат длабока загриженост за моменталната ситуација на северот на Косово. Ги повикуваме сите да покажат максимална воздржаност, да преземат итна акција со цел да се постигне деескалација на ситуацијата и да се воздржат од провокативни дејства“, соопштија вечерва амбасадите во Белград и Приштина.

Амбасадите ги повикаа страните да работат во рамките на Дијалогот предводен од Европската унија .

„Разбираме дека косовските власти приведоа лице осомничено за вмешаност во насилен напад врз косовските органи за спроведување на законот и изборната комисија. Тоа апсење се користи како оправдување за нелегални блокади на патиштата, како и за закани и заплашување на косовските власти и локалното население “.

Прочитајте и:  Наришкин по измените во нуклеарната доктрина: Улогата на НАТО во украинските ракетни напади на Русија нема да помине неказнето

Амбасадите додаваат дека оние „кои подигнаа незаконски блокади треба веднаш да ги отстранат“.

„Очекуваме крај на сите закани со насилство и заплашување. Ја изразуваме нашата благодарност и целосна поддршка на силите на НАТО на Косово (КФОР) за нивните напори да обезбедат безбедност и слобода на движење и на Мисијата на Европската унија за владеење на правото (ЕУЛЕКС) “, се вели во соопштението, додавајќи дека амбасадите ги осудуваат „како неприфатливи сите напади врз Косово и меѓународните безбедносни агенции“.

- Реклама -