Саботажа? „Длабока загриженост“ во Германија и Финска, оштетен подморски телекомуникациски кабел што ги поврзува двете земји

Германија и Финска изјавија дека се „длабоко загрижени“ што подводниот телекомуникациски кабел што ги поврзува земјите бил оштетен и отвориле истрага, во време на високи тензии со Русија.

„Нашата европска безбедност не е само под закана од руската агресивна војна против Украина, туку и од хибридна војна од злонамерни актери“, се вели во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на земјите.

Подводен телекомуникациски кабел што ја поврзува Финска со Германија денеска е оштетен од се уште неразјаснети причини, објави финската технолошка компанија „Синиа“ .

„Денеска е откриен дефект во подморскиот кабел „C-Lion1“ меѓу Финска и Германија, поради што услугите преку него се прекинати“, соопштија од компанијата.

Прочитајте и:  Шикорски за ракетите со долг дострел против Русија: Тоа е јазик што Путин го разбира

„Првичната проценка“ е дека кабелот е „оштетен“ бидејќи сите оптички врски со тој кабел се прекинати, изјави за новинарите официјален претставник на Синиа.

„Во моментов не е можно да се процени причината за прекин на кабелот, но оштетувањето немаше да се случи без надворешно влијание“, додаде технолошката компанија.

Оптичкиот кабел долг 1.172 километри го поврзува Хелсинки со Рошток во североисточна Германија од 2016 година.

Финска го засили следењето на инцидентите во Балтичкото Море по избувнувањето на војната меѓу Русија и Украина.

- Реклама -