Руте повика на поголема помош за Украина за време на претстојната студена зима

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте ги повика членките на Алијансата и другите западни партнери да и дадат поголема поддршка на Украина за време на претстојната студена зима, јави ДПА.

По средбата со летонскиот претседател Едгарс Ринкевичс во воената база „Адажи“ претходно денеска, Руте предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин „ќе ја користи зимата како оружје“.

Руте рече дека Русија ќе се обиде да го наруши системот за снабдување со енергија на Украина.

„Затоа сите ние треба да ја зголемиме нашата поддршка за Украина, вклучително и со (системите за противвоздушна одбрана) за заштита на критичната инфраструктура. За да ги зајакнат сопствените одбранбени способности, членките на НАТО ќе треба да ги зголемат трошоците за одбрана и да го стимулираат производството на оружје и муниција“, рече Руте.

Прочитајте и:  Полска компанија илегално испорачала стотици илјади парчиња швајцарска муниција во Украина

Од своја страна, Ринкевичс, исто така, ги повика партнерите во НАТО да одвојат повеќе средства за одбрана, конкретно заговарајќи вредност меѓу 2,5 и 3 отсто од нивниот бруто домашен производ (БДП). Официјалната цел на Алијансата е земјите-членки да потрошат два отсто од својот БДП за одбрана.

Руте и Ринкевичс набљудуваа воена вежба на мултинационалната бригада на НАТО стационирана во Летонија, која за прв пат спроведуваше воени маневри заедно во полн состав. Во вежбата „Одлучен воин“ учествуваа околу 3.500 војници од 13 земји-членки на Алијансата. Летонија дели заедничка граница со Русија и со нејзиниот близок сојузник Белорусија на исток, забележува ДПА.

- Реклама -