Рускиот амбасадор во Полска полеан со црвена боја на церемонија за Денот на победата (ВИДЕО)

Амбасадорот на Русија во Полска – Сергеј Андреев, како и членови од неговата придружба, меѓу кои и неговата сопруга, денеска беа полеани со црвена боја од страна на демонстранти кои протестираа против руската агресија во Украина, додека тој се обидуваше да положи венец на гробиштата на загинатите советски војници во Варшава, по повод Денот на победата над фашизмот.

Како што пренесоа медиумите, рускиот амбасадор бил спречен да го положи венецот, бидејќи присутните му го попречиле патот. Како што се гледа од видео-снимките, демонстрантите притоа скандирале „Рашисти!“ (кованица од „Руси“ + „фашисти“).

Според руските медиуми, неколку минути подоцна се појавила и полицијата, која ја потиснала толпата назад и со полициска придружба амбасадорот и неговата делегација го напуштиле местото на нападот.

Како што пренесе руската агенција РИА Новости, руското МНР побарало Варшава да преземе соодветни мерки против напаѓачите, но и итно да организира церемонија за положување на венец при што ќе гарантира безбедност од секакви видови провокации.

Агенцијата објави и разговор со поранешниот заменик-генерален секретар на Обединетите нации и директор на рускиот Совет за меѓународна соработка и дипломатија – Сергеј Орџоникиѕе, според кого нападот на рускиот амбасадор во Варшава е резултат на анти-руската пропаганда која ја поттикнуваат, според него, полските функционери, на официјално ниво.

Прочитајте и:  Тимот на Трамп со остри критики за одлуката на Бајден: „Ова е како нова војна, сите претходни калкулации сега се ништовни“

„Ова е индикатор на состојба која е подгревана цело време на официјално ниво, резултат на анти-руска пропаганда и анти-руски постапки. Овде, секако, прво и основно, виновни треба да се сметаат властите кои дозволуваат такви дела. Амбасадорот е претставник на државата, значи ова е напад на нашата држава во Полска“, оцени експертот.

Како што потсети порталот „НОВА“, руската амбасада минатата недела соопшти дека полските власти „препорачале“ откажување на традиционалната манифестација на положување на цвеќе оваа година, како и Бесмртниот полк во кој маршираат луѓе и носат портрети на роднини кои се бореле во војната.

„Препораката“ е дадена поради руската инвазија во Украина, соопшти амбасадата. Мисијата ги откажала сите други планирани активности по повод Денот на победата, но реши да продолжи со посетата на Андреев на воените гробишта.

- Реклама -