Русија одржа нуклеарни вежби истовремено додека траат тие на НАТО: Москва вежба „масовен одмазднички напад“, НАТО вежба „одвраќање“

Десетици авиони од земји членки на НАТО учествуваат во годишната вежба за нуклеарно одвраќање „Steadfast Noon“ во северозападна Европа, која почна на 17 и ќе трае до 30 октомври. Според воздухопловната команда на НАТО, во вежботе се вклучени 14 земји и повеќе од 60 авиони од различни типови, меѓу кои и танкери и борбени авиони од четвртата и петтата генерација.

Како што изјави претходно месецов генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг, долго планираната и рутинска нуклеарна вежба обезбедува нуклеарните капацитети на Алијансата да останат безбедни, сигурни и ефикасни.

„Одвраќањето е начин да се спречи каков било напад на сојузниците на НАТО и да се зачува мирот“, додаде Столтенберг.

Истовремено, денеска нуклеарни вежби одржаа и руските стратешки нуклеарни сили. Рускиот претседател Владимир Путин лично ги следеше вежбите од тн. ситуациски центар во Кремљ.

Воено информативниот руски ТВ канал „Звезда“ го прикажа министерот за одбрана Сергеј Шојгу во моментот кога преку видео линк му објаснува на Путин дека вежбите се спроведуваат со цел да се изврши „масовен нуклеарен напад од стратешките офанзивни сили како одговор на непријателски нуклеарен напад“.

Началникот на Генералштабот – Валериј Герасимов, на Путин му укажа дека вежбата вклучува интерконтинентални балистички ракети, подморници и стратешки бомбардери Тупољев. Главната цел, според него, била да се разработат активностите на стратешките сили „за да се нанесе гарантиран пораз на непријателот“. Вежбите, како што рече тој, се одвивале во две фази: првата – користење на оружја со зголемена потенцијална опасност, а во втората – авторизација и масовна употреба на нуклеарни оружја во „одмазднички напад“.

Како што соопшти Кремљ, сите три компоненти на руската нуклеарна тријада – копно, море и воздух – биле дел од вежбите. Мобилниот копнен систем „Јарс“ од космодромот Плесецк во регионот на Архангелск, и нуклеарната подморница „Тула“ во Баренцовото море, истрелале интерконтинентални балистички проектили кон тест центарот Кура во Камчатка. Воздушната компонента била застапена со два стратешки бомбардери Тупољев Tu-95MS, кои користеле крстосувачки проектили. Според Кремљ, сите задачи биле целосно извршени и сите ракети ги погодиле своите цели.

Прочитајте и:  Џентилони: Г7 ќе има рамковен договор за заем од 50 милијарди долари за Украина до октомври

Се работи за рутинска годишна вежба на Русија, која последен пат беше извршена на 19 февруари годинава, неколку дена пред почетокот на инвазијата врз Украина, откако беше одложена во 2021 година.

Според новиот договор СТАРТ – (Strategic Arms Reduction Treaty – START) договор, Русија е обврзана ондапред да извести за овој тип лансирања. Целта е да се избегне забуна дека се работи за нуклеарен напад и ескалација на состојбата.

Од Пентагон потврдија дека Русија ги информирала за вежбите на своите нуклеарни сили.

„САД се известени и, како што нагласивме претходно, ова е рутинска годишна вежба од страна на Русија. Во овој поглед, Русија дејствува во согласност со обврските за контрола на вооружувањето и нивните одредби за транспарентност“, изјави портпаролот на американските воздухопловни сили, генерал Патрик Рајдер.

Нуклеарните вежби на НАТО и Русија се случуваат во контекст на неколкумесечна зголемена нуклеарна реторика и во моменти кога Москва обвинува, а Киев контра-обвинува, дека Киев/Москва планира да употреби „валкана бомба“ во Украина и да ја обвини другата страна. Западните сојузници ги отфрлија таквите тврдења на Русија, при што порачаа и дека „никој нема да биде измамен и светот ќе ги проѕре сите нејзини обиди да ги искористи овие наводи како изговор за ескалација“ на состојбата во Украина. Во однос на нуклеарните вежби, западните сојузници исто така уверуваат дека можат да направат разлика помеѓу нуклеарни вежби и секакво друго движење што би можело да претставува нуклеарна закана.

Извор: МИА

- Реклама -