РСЕ: Велешките „деца на Трамп“ повторно активни

26 февруари 2024

„Made in Veles“: Трамп картички со „милиони“

(Радио Слободна Европа)

Ен Братон од САД мислела дека нашла инвестиција во која ќе вложи шест илјади долари и ќе заработи четири милиони. Не ни насетила дека зад огласот за купување „Трамп картички“, поради кој изгубила илјадници долари, можно е да стои група луѓе од малото гратче Велес во Северна Македонија, кој веќе стекна неславна репутација по користењето на името на поранешниот претседател на Америка.

„Задолжително пишете за да ви бидат дадени конкретни упатства како да ги измамите Американците“, е една од пораките на македонски јазик од затворениот Телеграм канал до кој може да се пристапи само со одобрение на администраторот, а во кој има продавачи од Велес.

По неколкумесечно истражување и инфилтрација во затворени групи на платформата Телеграм, Радио Слободна Европа (РСЕ) идентификуваше 69 луѓе кои создадоа лажни понуди за продажба на дебитна картичка со ликот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп (Trump). Новинарите пронајдоа и 88 веб-страници кои беа активни во моментот на пишување на истражувањето, преку кои се нудат различни производи на, како што е посочено, „американските патриоти“.

Бројот на продавачи кои комуницираат со клиентите можно е да е многу поголем, бидејќи неколку затворени канали на Телеграм имаат во просек по околу 300 членови.

РСЕ испрати неколку мејлови до прес-службата на кампањата на Доналд Трамп, прашувајќи дали се запознаени со шемите за измама со картичките со ликот на Трамп и дали планираат да преземат некаква акција во врска со ова прашање. До објавувањето на овој напис, одговор нема.

Велес, кој има нешто повеќе од 45.000 жители, стана познат пред американските избори во 2016 година, кога светските медиуми открија дека во него се креирани повеќе од 100 политички веб-страници, каде се споделуваа лажни вести, кои ја фаворизираа политиката на Доналд Трамп.

Како функционира новата шема?

Ен Бретон, соговорничката од почетокот на приказната, помина низ новата шема која води до Северна Македонија

Оваа 86-годишна пензионерка од предградието на Нешвил во американската сојузна држава Тенеси се заинтересирала за оглас што го видела на Телеграм кон средината на минатата година, а во кој се рекламира продажбата на дебитна картичка со ликот на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп.

Според текстот на огласот, секоја картичка веќе требало да има на неа уплатено 200 илјади долари. Како што сведочеше за Радио Слободна Европа (РСЕ), таа купила 20 картички, платила 6.000 долари за нив и мислела дека обезбедува инвестиција за своето семејство од која на крајот ќе инкасира 4 милиони долари.

Таа не се посомневала дека целата мрежа околу оваа реклама е можно да се создава на далечина од дури 8.000 километри, преку океанот, во Северна Македонија.

Матрицата, на прв поглед е едноставна. На американските граѓани им се пласира приказна, според која производите со ликот на Доналд Трамп, купени денеска ќе вредат милиони долари по враќањето на власт на 45-от претседател на САД. Всушност, на продажба се нудат целосно безвредни картички, монети, налепници, стикери и бројни слични производи, со ветувања дека по враќањето на Трамп на чело на САД, тоа ќе бидат пари во оптек.

Приказната за брзото финансиско враќање на вложените пари се дистрибуира преку различни интернет канали, најчесто на оние кои го поддржуваат поранешниот прв човек на Америка.

Засега нема реакција од надлежните органи ниту во САД, ниту во Северна Македонија за доведување во заблуда на американските граѓани. Во меѓувреме, милиони долари се слеваат на сметки во оваа мала европска земја.

Измислен нов „монетарен систем“

„Верувам во претседателот Трамп и мислам дека е чесен. Верував дека инвестирам во иднината“, се присетува Ен Бретон на причините поради кои пред 7 години почнала да купува разни сувенири преку Телеграм.

Прочитајте и:  Спејсикс го лансираше шестиот пробен лет на Старшип од Тексас во присуство на Трамп

Сега има долари со ликот на Трамп, монети, картички и како што вели многу различни производи. Таа додава дека сите производи ги купила преку неколку канали на Телеграм што ги следи, „Веќе не можам ни да се сетам каде сето тоа се рекламираше“, вели Бретон.

Уште во 2016 година, на каналите на Телеграм се појавиле реклами за разни колекционерски предмети како „Трамп монети“ или „Трамп долари“. Приказната што е смислена е дека монетите, банкнотите или картичките ќе станат законско средство за плаќање во „идниот монетарен систем на Трамп“.

Системот е наречен TRB (Trump Rebate Banking system) а механизмот за измама, според Њујорк Тајмс во 2022 година бил да се продаваат „Трамп монети“ кои чинеле околу 10 долари по парче.

За рекламирање се користеле лажни скриншотови со познати личности, а луѓето се повикувале да инвестираат што е можно поскоро бидејќи вистинските пари наскоро ќе исчезнат.

Кон средината на минатата година американскиот NBC News откри дека зад оваа маркетинг операција стојат три компании со седиште во државата Колорадо, и ги опиша искуствата на голем број жртви.

Кога станува збор за новиот механизам што го анализираше РСЕ, а кој функционира во последните месеци, нема компанија која организира се, туку системот најмногу се базира на вмрежување на продавачите преку различни онлајн платформи.

Комуникацијата се одвива преку затворени канали на Телеграм, а виртуелните трговци понатаму дистрибуираат лажни огласи на каналите на Телеграм кои се отворени за јавноста, но во кои се споделуваат и вести за кои се заинтересирани членовите на конзервативната американска публика.

Овој пат приказната се сведува на тоа дека луѓето кои поседуваат TRB производи ќе си го наплатат, односно ќе добијат поврат за дотогаш вложените средства. Сумите на картичката кои може да се наплатат може да достигнат и неколку илјади долари за секоја од нив.

„Накратко, приказната ќе биде дека им треба овој производ за да можат да заработат од други производи на TRB со подигање на 5.000 долари секој ден на банкомат. Тие можат да регистрираат до 500.000 долари на секоја картичка“, вели еден од затворените канали кои рекламираат картичка како онаа што ја купила Ен Братон од Тенеси.

Една од рекламите со ваков опис видела и Ен Бретон. Мислела, како што вели, дека сега може да заработи од долгорочната инвестиција. Цела година, додава Ен, поминала во тие обиди, но без успех.

„Ова е кошмар. Кога се ќе се собере, во последната година потрошив над 30 илјади долари само обидувајќи се да си ги вратам парите. Сега ме контактираат со приказната дека треба да платам уште…“, вели Ен Бретон.

„Ме контактираа неколку луѓе кои се претставија како поддршка во рамките на TRB. Една од нив се викаше Ебигејл. Нејзе и верував. Кога ги добив картичките ми кажа дека ќе треба да ги активирам и потоа таа испари, исчезна“, сведочеше Ен Бретон.

Ен Бретон преку електронска пошта до РСЕ испрати информации за пратката, како и фотографија од картичката што ја добила, а како што покажа истражувањето, оваа картичка е производ кој се нуди на затворен Телеграм канал каде што комуницираат македонските трговци.

Имено, QR-кодот од картичката води до веб страницата https://www.trbcollectcard.net/. Следејќи ја патеката на онлајн регистрацијата преку анализа на производот што се продава на веб-страницата, РСЕ утврди дека се работи за производ креиран во македонскиот град Велес.

Тоа е страница преку која се продаваат TRB картички. Преку платежната платформа може да се утврди дека продажбата на производот ја регистрирала извесна Весна Лафтова. Контакт од неа, нејзина е-пошта или телефонски број не се наведени.

МИА

- Реклама -