Хрватите пријатно изненадија со нивниот прв супер спортски електроавтомобил од светска класа. Претставен е на Франкфуртскиот автомобилски саем оваа година во септември, а предизвика голем интерес.
Тоа е нормално кога автомобилот се одликува со врвни перформанси од кои „крвта замрзнува“. Само еден податок е доволен за поткрепа на ова тврдење: вкупната јачина на електромоторите изнесува 1088KS! Но и другите податоци се фасцинантни: забрзувањето 0 до 100 km/h е за 2,8 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 305 km/h.
Но, податокот на кој особено е горд неговиот идеен творец Мате Римац (23), се батериите кои гарантираат автономија која изнесува 600 km, нормално, со умерено возење. Нивниот капацитет е 92 kWh што е фантастична бројка. Потрошувачката на струја при економично возење е 153 Wh/km (пресметковна вредност), што секако е скромна бројка.
Искусна екипа на стручњаци е заслужна за појавата на овој автомобилски „бисер“. На прво место тука е генијалниот машински инженер Златко Квочиќ (55) кој е одговорен за механиката на овој концепт. Надворешниот дизајн е на младиот карловачки дизајнер Андријано Мудрог. Внатрешниот дизајн е дело на двајца дизајнери кои 20 години имаат работено во славното италијанско дизајнерско студио Пининфарина, а тоа се Горан Поповиќ и Ѓузепе Рандазо (Giuseppe Randazzo).
Се разбира, тука посебно место заземаат и останатите инженери од областа на електрониката, електротехниката и информатиката, како и неопходната логистика. Оваа спрега резултира со проектирање и производство на врвен спортски електроавтомобил кој претставува ремек-дело во делот на спортските автомобили и вреден технолошки бисер со многу иновации и иновативни решенија.
Производните погони се наоѓаат во местото Света Недела. Засега, производството е мануфактурно и по нарачка. Веќе се продадени првите два примероци на богатите шеици од Абу Даби. Цената на еден примерок изнесува 400.000 евра.
Во некој од следните броеви ЕМИТЕР ќе посвети еден поопширен напис за овој супер спортски електричен автомобил. Дотогаш, за повеќе информации можете да ја разгледате нивната веб-страна: http://www.rimac-automobili.com.
Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР