Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија – во неа нема место за билатерални уцени

Во услови кога геополитиката е променета, нема место за билатерални уцени, вели хрватскиот европратеник Карло Реслер, кој е и претседавач на Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија. Тој смета дека треба да се препознае овој геополитички момент за шесте земји од Западен Балкан и да се работи напорно следните пет години за нивно пристапување во ЕУ, јави известувачот на МИА од Стразбур.

-Денес во ваквите околности во кои ЕУ функционира после три години крвава руска агресија врз Украина, после енергетската и економската криза архитектурата на безбедносната рамка на цела Европа е изменета поради војната и драматично различни политички околности и јасно е дека последиците од овие работи се чувствуваат не само во државите членки, туку и во регионот и Западниот Балкан. Во тој контекст Северна Македонија, а и сите други држави од Западниот Балкан мораат да го искористат тоа што им се дава, сите можности и потенцијали кои им се отвораат поради таа ситуација, а тоа е пред се една свест дека пристапување кон ЕУ не е и не може да биде некаква строга формалистичко правна или административна задача, туку е многу повеќе од тоа и со себе во секој случај содржи една многу важна геополитичка димензија, рече Кеслер во изјава за македонски медиуми во Европскиот парламент во Стразбур.

Тој фактор, нагласува тој и тоа како е во корист на Северна Македонија, но исто така е јасно дека внатре во земјава како и во другите држави членки од Западен Балкан мора да одиграат уште многу важни процеси во сферите на политиката, владеење на правото, економијата и тоа се важни чекори кои земјава мора да ги изоди, со цел да биде во целост подготвена за членство во Европската Унија.

Како што Германија и беше „спонзор“ на Хрватска во нејзиното членство во ЕУ, а сега Италија и е на Албанија, Реслер смета дека Хрватска може да биде државата којашто ќе може да го поттурне пристапувањето на државава во ЕУ.

-Независно од тоа каква беше ситуацијата и кога Хрватска пристапуваше кон ЕУ, јасно е дека Хрватска е држава која е пријателски расположена према Северна Македонија, која можеби најдобро може да ја разбере и фрустрацијата, но и потешкотиите коишто произлегуваат од практично 20 години различни блокади, различни политички недоразбирања или судири и дека може, како што и сега работи со премиерот Андреј Пленковиќ да биде една од оние држави-членки на ЕУ која ќе се залага за разумно, но исто така ќе се залага и за сфаќањето дека пристапувањето на Северна Македонија е од интерес не само за југоистокот на Европа, не само во интерес на Хрватска, туку е навистина и во интерес на целата ЕУ, истакна Кеслер.

Прочитајте и:  ЈСП ќе добие шест еколошки автобуси донација од ЕУ

Хрватскиот европратеник смета дека со продлабочена парламентарна димензија може да придонесат Северна Македонија која, како што вели, беше практично во иста позиција како и Хрватска во 2005 година, пред 20 години, што побрзо да биде подготвена за членство во ЕУ економска смисла, во насока на зајакнување на политичката стабилност, владеење на правото и сите останати критериуми на ЕУ.

Тој вели дека е свесен оти постојат и други билатерални прашања кои се уште го нарушуваат патот на Северна Македонија кон ЕУ, но, нагласува, ќе направат се со парламентарната дипломатија да се обидат да го продлабочат разбирањето.

-Денес, во овие актуелни геополитички околности едноставно нема место за такви билатерални уцени и мораме да направиме се што е можно Северна Македонија да го направи вистинскиот, конкретниот чекор, но од друга страна внатре во Европската Унија да се сфати дека прашањето на проширување има и тоа како геополитичка димензија, дециден е Кеслер.

Во однос на тоа кој е начинот да се реши спорот со Бугарија, истакна дека тоа е ситуација која постои неколку години и која едноставно ги нарушува односите не само помеѓу Бугарија и Северна Македонија, туку за жал, вели, во еден поголем дел влијаеше и на македонскиот пат кон ЕУ.

-Она што е важно да се направи и што ќе се обидеме ние да направиме од позиција на Делегација за односи со Северна Македонија е да ја релаксираме ситуацијата, да се обидеме со сите колеги да разговараме, бидејќи на крајот е јасно дека јас не можам сега да понудам решение за билатералните проблеми кои очигледно постојат и кои очигледно ги оптоваруваат билатералните односи, но мораме заедно да работиме низ еден отворен и конструктивен дијалог да дојде до решение, а во тој контекст европските институции, особено Европскиот парламент мора и ќе бидат од корист, оцени хрватскиот европратеник.

Вели дека имаат комуникација за ова прашање со бугарските европратеници, и како што рече, „тоа се некои од нашите задачи кои едноставно мора да ги извршиме овде“. Сепак тој додава дека е јасно оти разликите кои нема да успеат да ги надминат со магично решение.

-Јасно е пред се дека тоа е прашање кое е билатерално прашање и кое што мора да се решава помеѓу двете држави, помеѓу државата членка Бугарија и државата кандидатка Северна Македонија. Според некои искуства што ги имавме досега, па и од хрватскиот пристап кон ЕУ, Унијата може да биде помагател, може да биде медијатор, може да биде фацилитатор на таков разговор, но јасно е и дека со една парламентарна димензија можеме да се обидеме да дојде до релаксирање на таквите односи, изјави тој.

- Реклама -