Renault го симна превезот од Captur

На салонот во Женева францускиот производител донесува неколку новитети, но во преден план секако е градскиот кросовер, долгонајавуваниот Renault Captur. Блесок на обновениот моноволуменец Scеnic и неговата посебна едиција Xmod, Clio GT и Kangoo Express.

Со комбинацијата од форма и функции, Renault Captur нуди извонреден микс на најдоброто од MPV, SUV и хечбек изведбите. Renault Captur внесува во сегментот нови и достапни идеи. Некои рационални, кои го прават управувањето со возилото задовоство, се лизгачкото задно седиште, подвижен мултифункционален простор под вратата и мултимедијалните системи Media Nav или Renault R-Link.

Renault Captur е урбан кросовер со непретенциозен изглед. Со компактна големина (4,12 x 1,77 x 1,57 метри) и тркалата со голем дијаметар (16 или 17-инчи) и клиренс ( 200 mm) возилото го потврдува спортскиот карактер и својата страст за авантури. Модерните, оригинални и практични детали во дизајнот потврдуваат дека Renault Captur пред сè е создаден по желба на корисниците. Во склад со екстериерот, ентериерот на Renault Captur е со посветли бои, хармоничен и максимално прилагоден кон патниците. Во првите две нивоа на опрема се нуди избор од светли или темни украси, а мрежестите џебови на задниот дел од предните седишта, исто како кај истоимениот концептен модел, се истовремено елегантни и практични. Renault Captur воведува две ретки, но вредни иновации: патентирани отстранливи навлаки за седишта Zip Collection (во зависност од верзијата), како и голема фиока Easy Life на местото на познатата касета. Во општ план Renault Captur презентира практични и удобни иновативни карактеристики на пошироката публика во В сегментот.

Со изборот на мотори од гамата Energy, Renault Captur се стреми да стане лидер во категоријата со мала потрошувачка на гориво и CO2 емисии, а сепак да го сочува задоволството при возењето. Кај бензинците во понуда се Energy TCe 90: 113 CO2 g / km (4,9 l/100km) и TCe 120 EDC: 125 CO2 g/km (5,4 l/100km), a кај дизелите: Energy dCi 90: 95 CO2 g/km (3,7l/100km) dCi 90 EDC: 104 CO2 g/km (4,1 l/100km

За да ја намали потрошувачката на гориво дополнително, Renault Captur ги искористи најновите истражувања во областа на аеродинамиката, гумите и намалувањето на тежината. Тој тежи колку Clio III, иако е поголем и има дополнителна опрема за удобност и безбедност.

Новите елементи во стилот на Renault стануваат забележливи и се спроведени во сите возила претставени во Женева, вклучувајќи го и обновениот Renault Scеnic, кон кој се приклучи Scеnic Xmod, кросовер верзија на оригиналниот компактен моноволуменец. Со авантуристички изглед и значително подобрена динамика, тој е совршен автомобил, со кој едноставно ќе посакате да избегате далеку од градот.

Renault е страстен поддржувач на мотор спортот во текот на 115-годишната историја, а во моментов произведува моторите за четири екипи од F1 и може да се пофали со 11 светски титули кај конструкторите. На свој начин Renault го пренесува искуството на тркачки патеки, внесувајќи технолошко совршенство кон развојот на своите мотори Energy. Во серијата има ново засилување – сосем новиот бензински мотор Energy TCe 130, кој ќе биде пуштен во продажба во април под хаубата на новиот Mеgane, новиот Scеnic и Grand Scеnic.

Со претставувањето на новото Clio GT 120 EDC Renault остануваат верни на страста, секогаш со понуда на универзални спортски автомобили од серијата RS и GT. Renault Clio GT ќе биде позициониран меѓу нормалното Clio и набилданиот RS 200 EDC. GT-верзија има нов преден браник со поголеми всмукувачи на воздух и дневни LED светла. Маската изгледа агресивна и поседува дизајнерски референци на најмоќната верзија. Меѓу другите надворешни карактеристики на GT се ретровизорите, затемнети (оние од позади) стакла, 17-инчни фелни со гуми 205/45 R17, хромирани детали на издувот и задните дифузери. Под хаубата ќе работи тотално нов 1,2-литарски бензински мотор со турбо, со максимална моќност од 120 КЅ и вртежен момент од 190 Nm. Се очекува менувачот да биде 6-брзински мануелен. Clio GT ќе забрзува до стотка за 8,6 секунди и ќе развива околу 200 km/h.

Текстот е објавен во соработка со АвтоПлус.

 

- Реклама -