За 7 дена, на 24 април, Реал на гости кај Баерн ќе го игра првиот полуфинален дуел во Лигата на шампионите. Поради целата драма што се случи по 93-тата минута меѓу Реал и Јувентус, челниците на кралскиот клуб побараа итен прием кај челниците на УЕФА, со цел да им ја пренесат својата загриженост поради „хајката“ која се води против нив во сите светски медиуми од нивното „контроверзно“ провлекување до полуфиналето па наваму.
Денес шпанска „Marca“ излезе со долг текст со наслов „Узбуна во Реал“, во кој пишува дека челниците на актуелниот првак се исплашени дека страшниот притисок во јавноста може да се одрази до судиска „одмазда“ во дуелите со Баерн.
Marca потсетува дека слична ситуација имаше и лани, кога Реал во полуфиналето исто така играше против Баварците. Реал тогаш во реваншот, во уште една контроверзна завршница, по продолженија, победи со 4:2 и помина во финалето, по што со денови се зборуваше и пишуваше за судењето, кое било „во полза на Реал“.
„Ми се гади од обвинувањата дека некој бил ‘покраден’ на дуелот во Мадрид. Знам дека на многумина им смета нашиот успех, и јас ќе ги бранам моите играчи бидејќи знам дека го заслуживме полуфиналето“, рече Зидан во саботата.
Од Реал, пишува Marca, истакнуваат дека е интересно што во Шпанија повеќе се зборува за спорниот пенал за Реал против Јувентус, отколку во Италија. И Иско на Твитер им се сипа на шпанските новинари, кои според него, тенденциозно и антиреаловски го проследиле натпреварот со Јувентус.
„Една професија, а двојни мерила. Срамота“, напиша Иско за сите кои во Шпанија тврдат дека Јувентус е покраден.
Лукас Васкез, играчот над кој беше направен спорниот пенал, се сложува дека во Шпанија владее хистерија против Реал.
„На секој чекор гледам антимадризам“, рече Васкез по победата од 2:1 против Малага. „Смешно ми е кога гледам дека кај нас во Шпанија повеќе се расправа за тој пенал отколку во Италија. Тажно е што толку многу луѓе се бесни и љубоморни на нас, на тоа што влеговме во осмото полуфинале во ЛШ по ред, и што освоивме три трофеи првак на Европа. Меѓутоа, научени сме на тоа, знаеме да се носиме со фактот дека луѓето се среќни кога Реал има проблеми“.
Зидан на своите играчи им порача да не обрнуваат внимание на сé што се пишува, и да бидат фокусирани на играта. Во меѓувреме управата на клубот побара состанок со УЕФА за да побара дуелите против Баерн да ги судат најдобрите судии, тие кои се достојни за предизвикот, а никако некои неискусни судии кои би можеле да подлегнат на наводната хистерија.