Реакција на ВМРО-ДПМНЕ: Власта прогласува полициски час кој е целосно непотребен и нема да смени ништо

Според ВМРО-ДПМНЕ, мерката за забрана на движење, односно полицискиот час од 22 до 5 часот кој денеска, врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, го предложи министерот Венко Филипче, а за кој Владата ќе одлучува на утрешната владина седница, е целосно непотребен и ништо нема да промени.

„Пандемијата е повторно пред ескалација, имаме галопирачко ниво на заразени. Власта една година по ред прави систематски пропусти и целосно ја промаши стратегијата за борба против КОВИД 19. ВМРО-ДПМНЕ апелираше власта систематски да му пристапи на проблемот. Но, власта на СДСМ наместо на борбата против КОВИД 19 се посветија на личните приоритети и пиар-от. Очигледно не знаат да менаџираат и прогласуваат полициски час од 22 до 05 часот кој е целосно непотребен и нема да смени ништо“, обвинуваат од најголемата опозициска партија.

Според нив, ситуацијата во земјава е лоша поради тоа што власта доцни со сите мерки.

„Србија има вакцинирано 30% од населението, а ние не сме ни почнале со вакцинација. Вакцини имаат и земјите од Африка, но нашата власт уште чека вакцини, па и циркус прави од целата ситуација. Срамота!

Ситуацијата во која нѐ втурна власта е жалосна за целата држава. И наместо разум и одговорност, СДСМ организира попис.

СДСМ се коцка со целата држава и животот на цел македонски народ“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -