Научници развиле вакцина која ќе ги учи телата на пациентите кои страдаат од рак да ги бараат и уништуваат канцерогените клетки. Терапијата, која напаѓа молекул кој се наоѓа во 90 проценти од сите типови на рак, би можела да придонесе кон создавање на универзална инјекција која ќе му овозможи на имунитетот на пациентот да се справи со најчестите форми на рак, вклучително и рак на дојката и рак на простатата.
Прелиминарните резултатите од раните клинички тестови покажале дека вакцината може да предизвика реакција на имунитетот кај пациентите и да го намали нивото на болеста. Научниците се надеваат дека ќе можат да спроведат поголеми тестови врз пациенти за да докажат дека вакцината е ефикасна против различни типови на рак. Тие веруваат дека би можеле да ја користат за борба против мали тумори, под услов да бидат откриени рано во нивниот развој или да го спречат враќањето и ширењето на болестта кај пациенти кои минале низ други форми на лекување.
Канцерогените клетки обично го избегнуваат имунитетот бидејќи тој не ги препознава како закани. Иако имунитетот обично ги напаѓа непознатите клетки како бактерии, туморите се создаваат од клетките на пациентот кај кои има одреден дефект. Научниците откриле дека молекулот MUC1, кој во големи количини се среќава на површината на канцерогените клетки, може да му помогне на имунитетот да ги препознае туморите.
Новата вакцина развиена од Vaxil Biotheraputics со помош од истражувачи од Универзитетот од Тел Авив, користи мал дел од молекулот за да го подготви имунитетот за да може да ги идентификува и уништи канцерогените клетки. Од Vaxil Biotheraputics изјавиле: „ImMucin генерира силна и специфична реакција на имунитетот кај сите пациенти по само 2-4 дози на вакцината од максимум 12 дози. Кај некои пациенти биле забележани и првите знаци на клиничка ефикасност.“ Резултатите сè уште не се формално објавени но ако дополнителните тестови бидат успешни вакцината би можела да биде достапна во наредните шест години.
Вакцината е дизајнирана за пациенти кои веќе страдаат од рак за да им помогне на нивните тела да се одбранат од болестта а не за превенција. Канцерогените клетки содржат високи нивоа на MUC1, научниците веруваат дека молекулот им помага на туморите да растат. Здравите клетки исто така содржат MUC1, но во нивоа кои се премногу ниски за да предизвикаат реакција по вакцинацијата. Но кога имунитетот на вакциниран пациент ќе наиде на канцерогени клетки далеку повисоката концентрација на MUC1 предизвикува напад. [‘Universal’ cancer vaccine developed]