Рашковски за „ТВ24“: Во Мексико никогаш не било поевтино, имате 14 дена хотел за 350 евра

„Цените на хотелите во Мексико никогаш не биле поевтини. Ова не е најава од туристичка агенција, туку го тврди секретарот во премиерскиот кабинет – Драги Рашковски“, пишува „ТВ24“, кои успеале да добијат одговор од иноваторот кој во моментов е под лупата на Антикорупциска, која истражува дали кога беше Генерален секретар во Владата набавил свој софтвер со државни пари, но и дали парите се добро потрошени, со оглед дека МВР не знаеле, не го користат и немаат намера да го користат софтверот купен за околу 81.000 евра од парите на граѓаните.

Рашковски уверува дека дестинацијата ја одбрал токму поради евтината понуда, и тоа пред неколку месеци.

„Одморот ми е планиран пред неколку месеци. Така да искрено не можам да знам однапред што ќе се случува на политичката сцена неколку месеци подоцна. А во однос на тоа зошто Мексико; затоа што цените на хотелите не биле никогаш поевтини. Проверете на Booking. За 14 дена имате хотели со 4 ѕвезди за 350 евра“, вели секретарот во кабинетот на премиерот, за „ТВ24“.

Рашковски потврди дека е на одмор вчера, откако медиумите блиски до опозицијата објавија дека наводно избегал во Мексико, а премиерот не знаеше дали неговиот секретар е во државата, па рече денеска ќе проверел.

„Нема место за сензација, на годишен одмор сум во Мексико. Заминавме на 14-ти и таму ќе бидеме до 31-ви овој месец. Три години не сум бил на одмор, на сопругата ѝ е роденден. Следам сѐ што се случува“, изјави Рашковски за „Фокус“, додавајќи „Зошто би бегал?“ на прашањето дали избегал од државата.

Претходно, порталот „Лидер“, повикувајќи се на вработен на граничниот премин во ВИП одделот на аеродромот на ТАВ во Скопје (кој не сака да го открие својот идентитет), објави дека Рашковски во неделата заедно со своето семејство полетал на релација со крајна дестинација Мексико.

„Ни беше наредено Рашковски да го протнеме низ ВИП одделот на аеродромот. Беше заедно со својата сопруга и двете деца, а обемот на багаж беше како да оди на подолго патување, но не можам да тврдам дека се работи за бегство затоа што Рашковски често патува. Пред скоро време заедно со своето семејство леташе во Турција“, изјавило лицето.

Денеска и министерот за здравство – Венко Филипче, беше прашан да го коментира заминувањето на Рашковски во прекуокеанска земја (но и патувањето на вицепремиерот за борба со корупција – Љупчо Николовски, во Дубаи) во ек на пандемија и во период кога, како што рече Филипче, сме во екот на трет бран на Ковид-19.

„Карантин од 14 дена е препорачан за луѓе коишто патуваат во земји на африканскиот континент. Причина за тоа е евентуално трансмисија, внесување во земјава на таканаречениот јужноафрикански сој на вирусот, којшто се карактеризира со многу побрза преносливост и со тоа што сѐ уште не се знае ефектот на вакцините врз овој сој. Во однос на другиот дел од прашањето, навистина не би сакал да коментирам индивидуални одлуки“, одговори Филипче.

НОВИ СОЗНАНИЈА

Додека е Рашковски на одмор, пак, „360 степени“ дојде до нови сознанија околу сомнителната набавка на софтверот. Порталот открива дека софтверот бил платен во јули, па дури потоа тестиран, дури на крајот на септември, а тогаш и МВР било првпат известено. Освен тоа, според тендерската документација, фирмата „Инвока гроуп“ имала 100 дена од склучувањето на договорот (на 6 февруари) да ги заврши сите три фази на тестирање најдоцна до 5 јули, од кои во последната е опфатено и „пуштање во употреба“. И покрај тоа, Владата на 9 јули, на 6 дена пред изборите, ја направила исплатата. „Дали некој брзал да плати незавршен софтвер пред изборите?“, прашува „360 степени“.

Покрај ова, порталот утврди и дека по претходните два „пропаднати“ тендери, на третиот, овој успешниот, биле намалени критерумите за тоа кои фирми можат да аплицираат со понуда (подетално прочитајте ТУКА).

Рашковски, пак, уште пред неколку дена демантираше дека иновирал софтвер, аргументирајќи дека има огромна разлика меѓу идеја (процесот што го патентирал) и производ (набавениот софтвер), иако во случајов помеѓу двете има многу сличности, барем за оние „што читаат само наслови“, како што рече самиот екс-секретар на Владата.

И покрај тоа што во меѓувреме се множат потенцијално спорните моменти, премиерот Зоран Заев денеска повторно во одбрана на својот секретар. Тој вели дека лично ја проверил набавката и сѐ е законски, па дури и ја спореди со изградба на градинка кога Министерството за труд и социјала би решило да гради градинка. Тој, сепак, ги повика сите надлежни институции целосно да го истражат случајот и вети дека лично ќе преземе чекори ако се утврдат нерегуларности. Но исто така порача и дека не треба да се избрзува со обвинувањата, затоа што иноваторите како Рашковски ѝ биле потребни на земјава (изјавата прочитајте ја ТУКА).

- Реклама -