Заев за набавката на Рашковски: Да не се избрзува со обвинувањата, инвентивните луѓе ѝ се потребни на државата

„Очекувам било која од надлежните институции да направи контрола и проверка. Тоа е Државната комисија за спречување на корупцијата, соодветното обвинителство, МВР. Слободно да дојдат да направат истрага, затоа што јас проверив и постапката е целосно законито направена и набавен е софтвер по пат на конкуренција, каде што од 8 милиони денари предвидени во буџетот потрошени се 5 милиони денари за набавка на таков софтвер којшто секако има мултифункционална примена и тој стои на располагање“, изјави денеска премиерот Зоран Заев, прашан за спорната набавка на софтвер од секретарот во неговиот кабинет Драги Рашковски, направена во времето кога беше генерален секретар во Владата.

Според Заев, набавката што ја направил Рашковски е исто како било која институција што прави набавка за свои потреби. Тој дури ја спореди и со конкретни примери. Така, според премиерот, набавката на Рашковски не е ништо поразлична од тоа што Антикорупциска во моментов набавува софтвер за податоците од анкетни листови или кога Министерството за труд и социјала би одлучило да гради градинка во одредено село или град.

Тој уште еднаш ги повика надлежните институции да истражат, со ветувањето дека самиот ќе преземе чекор доколку се утврди било каква нерегуларност или судир на интереси, но и порача дека не треба да се брза со обвинувањата на адреса на Рашковски.

„Уште еднаш апелирам секоја надлежна институција во државата за проверка на законитоста на постапката, да направи конкретно проверка и да достави извештај. Јас, како претседател на Владата којшто го имам именувано како еден од секретарите во мојот кабинет, ќе постапам директно доколку има било какво прекршување на законот.

Но, однапред сакам да ставам ограда дека не треба секој да биде обвинуван, заради тоа што претходно имал создадено свој систем, го патентирал како систем, односно како процес, одредено право го отстапил бесплатно, нормално, на користење на својата земја и дека на тој начин е забрането да се спроведува постапка за да се набави таков систем, таков софтвер за потребите на државата. Сакам да ја испратам пораката дека луѓето, коишто се инвентивни во државата, коишто се докажале во својот приватен и професионален план, ѝ требаат на државата да бидат ангажирани.

Но секако, да потврдам, ако било кој се огрешил пред законот или има барем неетичко постапување во делокругот на своето работење, јас сум тој којшто ќе преземе директно понесување одговорност за таквиот човек, односно ќе побарам негова оставка или негово разрешување“, рече премиерот.

- Реклама -