„Не сум патентирал никаков софтвер. Во С. Македонија не е можно да патентираш софтвер, туку само идеја – постапка. Категорично демантирам и отфрлам каква било поврзаност или корелација меѓу моите патентирани идеи со набавките кои Генералниот секретаријат на Владата ги има реализирано во времето кога јас бев Генерален секретар“, се огласи денеска актуелниот секретар на премиерот – Драги Рашковски, откако во јавноста се наметна прашањето дали со државни пари купил свој софтвер, како резултат на денешните објави во медиумите објавија дека тој претходно лично патентирал софтвер мошне сличен со оној за сообраќајни казни кој го набавил за МВР, а кој МВР не го користи.
Како што пишува „360 степени“, набавката за која Владата платила 81 илјада евра, а осум месеци седи неискористена, носи назив „Софтвер за определување просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни“, додека Рашковски има патент од 2018 година со речиси исто име: „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување на казни“. Софтверот е набавен од фирмата „Инвока гроуп“, која е формирана на 14 јуни 2017 година, две недели по доаѓањето на СДСМ на власт и 9 дена по именувањето на Рашковски за генерален секретар на Владата. Компанијата, чиј сопственик и управител е Даниел Станчев, досега добила три тендери – сите три од владиниот Генерален секретаријат додека со него раководеше Рашковски. Плаќањето за софтверот за сообраќајни казни е извршено на 9 јули минатата година, шест дена пред парламентарните избори.
Прашан за коментар, Рашковски за „360 степение“ преку СМС одговорил со: „За оние што читаат само наслови, многу работи се исти“.
Во денешниот демант што го објави на Фејсбук, тој „дообјаснува“:
„За да биде уште појасна огромната разлика меѓу идеја и софтвер (производ), ја информирам јавноста дека уште во 2013 година имам патентирано идеја и за гласање со отпечаток од прст. И ја користам оваа прилика однапред да отфрлам каква било поврзаност на мојата патентирана идеја со било каков евентуален софтвер кој државата евентуално би го набавила после евентуален политички договор за употреба на таков софтвер за изборни процеси.
Имам патентирани идеи и за попис од 2013 година, за поврат на ДДВ од 2016 година“, додава тој.
„Не е во ред да бидам напаѓан затоа што сум имал идеи и истите сум ги патентирал, а денес се достапни како јавни добра и за нашата земја и за светот“, вели Рашковски во реакцијата.
Сепак, денеска предмет за набавката на Рашковски отвори и Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК, aka. Антикорупциска).
Антикорупционерите сметаат дека има доволно елементи за истражување на причините за набавката на тој софтвер, но и за причините зошто истиот сѐ уште не е во употреба. Како што објасни претседателката на Антикорупциска – Билјана Ивановска, спорна е, пред сѐ, несоодветната комуникација меѓу институциите и отсуството на систематски пристап за утврдување на потребите (на министерството за внатрешни работи, во случајов).
Премиерот Зоран Заев, од друга страна, вчера застана во одбрана на Рашковски и исклучи било каква основа за сомнеж во постапката, а за деновиве најави детално соопштение од институциите, кое ќе покаже зошто и дека сосема прописно е направена набавката.
Денеска, Заев е уште покатегоричен:
„Прво, не е ништо без причина направено. Има причинско-правни последици зошто е тоа правено. Со документи ќе ви покажеме зошто е набавен софтвер којшто може да се употребува во МВР. Постои писмена комуникација помеѓу двете институции – Генерален секретаријат и МВР. Спроведен е тендер со проектирани 8 милиони денари, падната е цената на некои 5 милиони денари заради наддавањето. Учествуваат компании коишто се капацитетни од Република Северна Македонија. И самиот софтвер има конечна цел – употребна вредност на улиците.
Се работи за објект којшто снима 360 степени со казните, благодарение на претходни длабински анализи за потребата каков да биде. Така што јас реков овие денови ќе ги соопштат сите детали и документи. Ова е правено со причина. Не ни текнало така нас, ние седејќи во Владата ќе правиме софтвер. Имало потреба за тоа заради тоа што е дел од сите политики и процедури поврзани со соодветните министерства“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање.
„Знам дека е правено со причина, друго нема. Чуму ние би правеле софтвер ако немало некоја причина заради МВР? Нема зошто тоа да се прави. Убеден сум дека самиот софтвер изнаоѓа практична примена во безбедноста на сообраќајот“, истакна премиерот.