Рама: Албанија е заложник на спорот на Северна Македонија и Бугарија, балканските народи треба да пораснат и да го остават минатото зад себе

„Албанија е заложник на спорот меѓу нашиот сосед Северна Македонија и Бугарија“, изјави денеска албанскиот премиер Еди Рама во обраќањето на Конференцијата на претседателите на парламенти на Јадранско-јонската иницијатива (ЈЈИ), што се одржува во Тирана.

Премиерот на Албанија подвлече дека нема друго решение освен трпение на патот кон ЕУ, при што изрази загриженост за многуте проблеми со процесот на евроинтеграции.

„Процесот кон ЕУ е невротичен процес. Албанија е заложник на ќорсокакот меѓу нашиот сосед, Северна Македонија, и Бугарија. Тоа е една од оние ситуации што ЕУ може да ги создаде. Нема книга и искуство, ниту какво било објаснување како може да се третира. Како можеш да останеш заложник на споровите меѓу двете земји. Но, еве тоа е – како што велеше Доналд Трамп. Не смееме да го изгубиме трпението и желбата за Европа“, рече меѓу другото Рама во своето обраќање.

Истакна дека Европа е во секој план на Албанија и дека тоа е првиот слободен избор на неговата земја, бидејќи претходно била под власта на различни империи против својата волја.

„Целта на Албанија е да ја промовира соработката и мирот во Европа. Во нашите планови нема друга алтернатива освен Европа. Имаме многу да му дадеме на регионот, бидејќи проблемите можат само да создадат поделби“, рече Рама.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Тој порача и дека балканските земји треба „да пораснат и да заборават на збрките од минатото“.

„Не треба да заборавиме колку профитираа другите на наша сметка, на неволјите што самите си ги направивме“, додаде Рама, пренесе Коха.

„Тука сме за да останеме. Србија нема да оди никаде, како ни Хрватите и Црногорците. Сите ќе бидеме тука. Мораме да пораснеме и да ги заборавиме сите неволји кои си ги создадовме еден на друг. Имаме уште долг пат да одиме, но денес сме на подобро место во споредба со тоа каде што бевме“, рече премиерот на Албанија.

Тој ја нарече ситуацијата во Украина „исклучителна лекција“, додавајќи дека таа треба да се продолжи по патот на мирот.

„Денешната реалност покажува што може да се постигне со мир и соработка и каква загуба е да се инвестира во омраза, поделеност, вознемиреност“, заклучи Рама.

На Конференцијата учествуваше и претседателот на македонското Собрание – Талат Џафери.

Извор: МИА

- Реклама -