Островот Санторини (или Тира, како што е новото официјално име) е препознатлив во целиот свет по неверојатните пејзажи, но и по уникатната архитектура на градовите, поредени како коцки по карпестите предели…
Фира
Фира е модерниот главен град на Санторини и се наоѓа на калдерата висока 400 метри, на западниот брег на прекрасниот остров. Името потекнува од алтернативниот изговор на древното и сегашното официјално име на островот – Тира. До главниот град се стигнува преку патиштата од источната страна, а од пристаништето во подножјето можете да се искачите пеш по цик-цак скалилата, јавајќи на магаре по истите стрмни скалила или возејќи се со жичницата, која е речиси вертикална. Фира се одликува со тесни улички помеѓу куќите, кои се преполни со мали продавнички, кафулиња и продавачи на сувенири.
Ија
Малото градче Ија е можеби најпрепознатливото место на Санторини, каде што се направени дел од најубавите фотографии на овој остров. Се наоѓа на северозападната страна на калдерата, на височина од 70 до 100 метри над морското ниво. Најубавите ресторани и кафулиња од каде што има незаборавен поглед кој не се споредува со ниту едно друго место на светот, се изградени во вдлабнатини од вулканската карпа, на страната од морето. Овие места се малку поскапи, но ви препорачуваме да поминете барем половина час, пиејќи вкусно кафе уживајќи во егејското пространство пред вас.
Имеровигли
Ова мало селце со помалку од 500 постојани жители се наоѓа на север од главниот град Фира и е речиси споено со градот кој се проширува. Препознатливо е по живописните градби во форма на амфитеатар врз калдерата од островот и прочуено по најубавите зајдисонца во медитеранскиот регион. Имеровили го носи прекарот „Тераса на Егејското Море“. Во Имеровили ќе можете да го посетите и Скарос, урнатините од некогашниот венецијански замок, изграден во времето кога Марко Санудо бил владетел на Цикладите.
Камари
Камари е мало рибарско село на југоисточната страна од Санторини. Селото било основано од жителите од блиската населба Епископи Гониас, кое било речиси срамнето со земја за време на земјотресот во 1956 година. Името го добило од малиот свод кој сѐ уште се издига на јужната страна од плажата, како последен остаток од некогашниот храм посветен на Посејдон. Во 2002 во Камари беше откриено и древно светилиште посветено на Ахил. Но, ова селце е сепак најпознато по најдолгата плажа на островот, која во исто време е и една од најубавите.
Текстот е објавен во соработка со Iguana