Ориана Фалачи беше позната италијанска новинарка и писателка. Почнувајќи како комунистка во младоста, таа сé повеќе го поприма десничарското размислување, а кон крајот на својот живот, кој завршува по тешка борба со ракот во 2006-та година, Фалачи негува дури и крајно десничарски ставови. Таа е меѓу првите на Западот кои не се срамеа јавно и отворено да го поврзат исламот со исламскиот тероризам, без да ги пакуваат зборовите во слоеви фолија од политичка коректност. По терористичките напади во Париз и Брисел веројатно почна да се превртува во гробот, а да беше жива сигурно ќе речеше: Ви реков?!.
Фалачи изгради успешна кариера на воен репортер во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, работејќи за големи западни медиуми. Интервјуираше водечки светски лидери, меѓу кои Фидел Кастро, Моамер Гадафи, Индира Ганди, палестинскиот лидер Јасер Арафат, иранскиот шах Реза Пахлави, ајатолахот Хомеини и други. Ги водеше своите интервјуа со провокативен, често агресивен стил. Сепак, најпрочуена станува со острата критика против исламот, објавена во неколку книги по нападите во САД на 11 септември 2001 година.
Фалачи предвидуваше формирање на „Еврабија“ – Европа освоена од исламот – и се спротивставуваше на либерализмот на западните влади кои прифаќаат иселеници – муслимани.
„Цивилизација, култура – тие не можат да постојат без страст и не можат да бидат спасени без страст“, е само еден од многуте цитати на Фалачи искажани со краен, категоричен тон.
За Европа:
„Треба да имаме позиција. Слабоста на Западот е зачната од таканаречената „објективност“. Објективноста не постои и не може да постои. Овој збор е лицемерие, поддржано преку лагата дека вистината стои во средината. Не, драги мои, понекогаш вистината лежи само на едната страна.“
„Во моментот во кој ги предаваш своите принципи и своите вредности, ти си мртов, културата ти е мртва. Цивилизацијата ти е мртва. Точка.“
„Секогаш сум гледала на непослушноста кон репресијата како единствен начин да се користи чудото што си бил роден.“
„Живееме во век без лидери. Престанавме да имаме лидери уште на крајот на 20-тиот век.“
За исламот и исламот во Европа:
„Европа веќе не е Европа, тоа е Еврабија, колонија на исламот, каде исламската инвазија не се одвива само во физичка смисла, туку и на психички и културен план.“
„Редно ли е да ја застрелате сиромашната и бедна проститутка или неверната жена или маж кој сака друг маж?“
„Засиленото присуство на муслиманите во Италија и во Европа е пропорционално на загубата на нашите слободи.“
„Муслиманите ја одрекуваат нашата култура и се обидуваат да ја наметнат својата врз нас. Јас ги отфрлам и тоа не е само долг кон мојата култура, тоа е и долг кон моите вредности, принципи, мојата цивилизација.“
„Никогаш не сум ги сакала камиказите, луѓето кои се самоубиваат за да убијат други. Почнувајќи од јапонските камикази во Втората светска војна. Никогаш не сум ги гледала како херои како што го сметам Пјетро Мика (италијански национален херој, кој опколен од Французите, го разнесува подземниот премин преку кој тие сакаат да ја заземат цитаделата. Самиот тој останува закопан под урнатините), кој за да го запре напредувањето на непријателските одреди, го запали барутот и се крена во воздух себе си заедно со цитаделата во Торино. Никогаш не сум ги сметала за воини. Уште помалку ги прифаќам како маченици или херои, како што ми ги опиша господин Арафат во 1972 година…“