Радев: Бугарија очекува уставни гаранции за правата на македонските Бугари пред да започнат преговорите на РСМ за членство во ЕУ

„Бугарија активно работи и ја поддржува европската перспектива на своите соседи од Западен Балкан како најбезбедна мерка за безбедноста, стабилноста и економскиот напредок на нашиот регион. Затоа, нашата земја очекува да постигне конкретни резултати на полето на економијата и поврзаноста, како и во однос на отворените билатерални прашања во дијалогот со Република Северна Македонија“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев на работна средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ и на Швајцарија, соопшти неговиот кабинет.

На средбата, на која учествувала и потпретседателката Илијана Јотова, се разговарало за повеќе теми од европската агенда.

„Меѓу нерешените политички прашања се издвојуваат почитувањето на правата на македонските Бугари, засилувањето на јазикот на омразата и посегнувањата по бугарското културно-историско наследство. Оставањето на овие прашања по страна ќе го забави и напредокот во процесот на европска интеграција“, рекол Радев.

Според него, позитивен знак е интензивирањето на билатералниот дијалог со надградба на досега постигнатото. Но, истакнал тој, Бугарија не очекува нови гаранции, туку уставни гаранции за почитување на правата на македонските Бугари со нивно додавање во преамбулата на Уставот на земјава, заедно со наведените други делови на народите.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

Радев потенцирал дека тоа треба да се случи пред да започнат преговорите на земјава со ЕУ.

„Почитувањето на човековите права и исполнувањето на критериумите од Копенхаген за членство не може да се третира само како билатерално прашање меѓу Бугарија и СРМ; тие влијаат на основните европски вредности, не можат да се преговараат и се јасен показател за европската зрелост на СРМ. Тешко е да се прифати тезата дека во парламентот на земја кандидат за членство во ЕУ нема 2/3 мнозинство за да се изрази силната политичка волја за постигнување полноправно членство“, додал Радев.

Според него, исто така би било необјасниво и во обединета Европа да се внесе, како што рекол, „идеологијата на поранешните тоталитарни режими“.

„Како одговорна членка, Бугарија не сака да внесува отворени проблеми во ЕУ и очекува разбирање, солидарност и поддршка од своите европски сојузници за прашањето за европската интеграција на СРМ“, додал Радев на средбата.

Извор: БТА/МИА

- Реклама -