Путин се соочи со својот AI двојник: „Mора да има само еден Путин, а тоа ќе бидам јас“ (ВИДЕО)

Рускиот претседател Владимир Путин се сепна и, се чини, накратко остана без зборови кога денеска се соочи со својот двојник генериран од вештачка интелигенција. Дигиталнот двојник ја искористи можноста да му постави прашање на Путин за време на традиционалната годишна прес-конференција, а темата на прашањето, очекувано, беше за вештачката интелигенција (AI) и нејзиниот импакт врз човечките животи и човечкото општество во, многу веројатно, блиската иднина.

„Владимир Владимирович, здраво, јас сум студент на Државниот универзитет во Санкт Петербург. Сакам да прашам, дали е вистина дека имате многу двојници? И исто така: Како гледате на опасностите што ги носат вештачката интелигенција и невронските мрежи на нашите животи?“, праша ВИ-генерираниот Путин и предизвика смеа кај присутните во салата, особено по коментарот на модераторката дека „гостинот“ што го поставил прашањето не се претставил кој е.

Прочитајте и:  Вонредно обраќање на Путин до нацијата во врска со војната во Украина

Прашањето кај Путин предизвика ретко двоумење, додуша маратонската прес-конференција веќе беше во својот четврти час, но сепак, тој брзо најде зборови.

„Гледам дека можеби личиш на мене и зборуваш со мојот глас. Но, размислував за тоа и одлучив дека само една личност мора да биде како мене и да зборува со мојот глас, а тоа ќе бидам јас“, одговори Путин.

Патем, ова е мојот прв двојник“, додаде тој.

Ваквиот коментар, како и прашањето, се одговор на шпекулациите, пред сè во западните медиуми, дека рускиот претседател има повеќе двојници кои го заменуваат на јавните настапи поради наводни здравствени проблеми со кои тој се соочува. Кремљ, меѓутоа, инсистира дека здравјето на Путин е одлично, а таквите шпекулации секогаш ги нарекува „смешни“.

- Реклама -