Рускиот претседател Владимир Путин денеска соопшти дека руската армија годинава ќе распореди нови интерконтинентални балистички ракети „Сармат“, кои можат да носат повеќе нуклеарни боеви глави.
Ден пред годишнината од почетокот на руската инвазија врз Украина, Путин рече дека Русија „ќе посвети посебно внимание“ на зајакнувањето на своите нуклеарни сили, соопшти денеска Кремљ.
„Како и досега, ќе посветиме посебно внимание на зајакнувањето на нуклеарната тријада“, истакна Путин, мислејќи на нуклеарните ракети на копно, во морето и во воздухот, пренесуваат светските агенции.
Тој изјави дека Русија ќе продолжи со масовното производство на хиперсонични воздушни ракети „Кинжал“ и ќе започне со испорака на хиперсонични ракети „Циркон“.
Русија оваа недела се повлече од договорот за контрола на нуклеарното вооружување со САД, познат како „Нов СТАРТ“.
Во пресрет на првата годишнина од војната, во источна Украина се водат жестоки борби. Западни официјални претставници веруваат дека Русија планира офанзива за освојување нови територии.
Извор: МИА