Путин: Директен судир меѓу НАТО и Русија би довел до глобална катастрофа, се надевам имаат доволно разум

Директен судир меѓу НАТО и Русија би бил многу опасен чекор што би довел до глобална катастрофа, оцени рускиот претседател Владимир Путин на прес-конференција во Астана, Казахстан, каде што учествуваше на три самити (Самитот за соработка и градење доверба во Азија, состанокот на лидерите на ЗНД и Самитот Русија-Централна Азија).

Прашан дали е можно НАТО да испрати војници на територијата на Украина доколку ситуацијата во Киев стане катастрофална, Путин изрази надеж дека разумот ќе надвладее и нема да се преземе таков чекор.

„Во секој случај, доведувањето на некои војници во директен судир со руската армија е многу опасен чекор што може да доведе до глобална катастрофа. Се надевам дека оние кои зборуваат за тоа ќе имаат доволно разум да не преземаат такви опасни чекори“, одговори Путин, пренесуваат руските медиуми.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

Во однос на мобилизацијата, рускиот претседател рече дека нема планови за дополнителни резервисти, а делумната, онаа што беше објавена, нагласи, ќе биде завршена во рок од две недели. Според Путин, 222.000 лица од планираните 300.000 веќе се испратени во воените единици а, како што рече, делумната мобилизација била неопходна бидејќи линијата за контакт со Украина е долга 1.100 километри и не може да ја држат само војниците со договор.

Путин истакна и дека Русија е отворена за преговори со Украина. Според него, дури и во Истанбул биле постигнати одредени договори, но украинските власти, како што рече, ја изгубиле желбата за преговори веднаш штом руските сили се повлекле од Киев.

Извор: МИА

- Реклама -