Авионот со кој рускиот претседател Владимир Путин леташе до Абу Даби, бил придружуван од руски „сухои“ модел Су-35С сè до моментот на слетувањето, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Ловците носеа стандардно оружје од различни класи. Авионите Су-35С полетаа од оперативниот аеродром во Русија во тешки временски услови со силен дожд и ветер. Со ловците управуваа пилоти од прва класа“, рече Песков.
Тој додаде дека за поддршка на воздухопловните сили за претседателскиот авион имале посебни дозволи за летање од земјите над чија територија лета авионот на Путин. Воедно Песков им се заблагодари на тие земји за нивната соработка.
Путин замина во Абу Даби за да разговара со лидерите на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Темата, како што информираше Песков, е договорот за нафта и Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК). ОПЕК е составен од 23 земји извознички на нафта. Групата редовно се состанува за да одлучи колку сурова нафта ќе продаде на светскиот пазар. Минатата недела ОПЕК+ се согласи на доброволно намалување на понудата во вкупна вредност од околу 2.2 милиони барели дневно, со цел поддршка на цените на суровата нафта.