Прв домашен тест за HIV

Администрацијата за Храна и Лекови (FDA) на САД го одобрила првиот домашен HIV тест кој ќе им овозможи на Американците да се тестираат за присуство на вирусот кој е одговорен за Сида во приватноста на сопствениот дом.

OraQuick тестот го открива присуството на HIV во плунка собрана од усната празнина со помош на памучно стапче. Тестот е дизајниран да даде резултат во 20 до 40 минути. Владини претставници во САД проценуваат дека една петтина, или околу 240.000 луѓе, од 1,2 милиони заразени со HIV не се ни свесни дека се заразени.

Тестирањето е најефикасен начин за забавување на бројот на нови заразување, број кој е стабилен со околу 50.000 нови случаи годишно во последните две децении во САД. Претставници на FDA велат дека тестот е наменет за луѓе кои инаку не би се тестирале.

„Достапноста на домашен тест за HIV им овозможува на индивидуи да се тестираат за да знаат дали им е потребна медицинска грижа“ изјавила доктор Керен Мидтун, директор на Центарот за Биолошко Оценување и Истражување на FDA.

Во одобрението FDA потенцира дека тестот не е 100 проценти прецизен. Тест спроведен од Orasure покажал дека овој тест откривал HIV само во 92 проценти од случаите. Тоа значи дека тестот може да згреши кај едно лице за секои 12 заразени кои ќе го употребат.

Тестот имал 99 проценти успех кај лица кои не се заразени. Тоа значи дека тестот ќе даде лажен позитивен резултат кај еден пациент од 5000 кои се тестирале.

- Реклама -